Не е точно дека Трамп во пукотницата во Пенсилванија бил погоден во градите

Фото: Принтскрин видео

Виралната фотографија е зумирана верзија на оригиналната фотографија на Асошиејтед прес. „Дупката“ видлива во сакото на Трамп, всушност е превиткување, набор на палтото на жена офицер која го штити. Трамп и самиот изјави дека куршумот му го погодил десното уво, пишува Вистиномер во текстот што го пренесуваме во целост.

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека при обидот за атентат на поранешниот американски претседател и актуелен републикански кандидат за фотелјата во Белата куќа, Доналд Трамп, бил погоден во увото и во градите.

„Двајца снајперисти на тајната служба цело време го гледале убиецот но не превзеле ништо.
Очигледно се чекало работата да биде завршена а потоа да биде убиен напаѓачот. Еден од куршумите го погодил Трамп во десното уво, а еден куршум го пробил сакото. ПОСЛЕ ОВА НЕМА ДА МОЖАТ ДА ГО ЗАПРАТ“, стои во објавата.
Трамп беше застрелан додека зборуваше на предизборен митинг во Пенсилванија на 14 јули. Во обидот за атентат, на Трамп му било повредено увото, по што веднаш бил однесен од обезбедувањето. Поради ова, различни корисници на социјалните мрежи, додека споделуваат фотографија од нападот, тврдат дека Трамп бил застрелан во градите.

Проверката на Вистиномер покажа дека виралната фотографија е зумирана верзија на оригиналната фотографија на Асошиејтед прес. „Дупката“ видлива во сакото на Трамп, всушност е превиткување на палтото на жена офицер која го штити. Трамп и самиот изјави дека куршумот му го погодил десното уво.

Со извршување на обратно пребарување на слики, ја најдовме оригиналната фотографија на веб-страницата на Асошиејтед прес. Виралната фотографија е зумирана верзија на фотографијата на Асошиејтед прес.

Автор на фотографијата на АП е фоторепортерот Еван Вучи (Evan Vucci), а истата беше споделена од ABC News на Инстаграм.

Гледајќи ја оригиналната фотографија, можеме да видиме дека наводната дупка од куршум всушност била набор на палтото на жена вработена во обезбедувањето, која го штитела Трамп.

Инцидентот се случил кога Трамп зборувал на изборен митинг во Батлер, Пенсилванија. ФБИ го идентификуваше 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел Парк, Пенсилванија, како осомничен. Крукс бил фатен и убиен од Тајната служба.

Од сето погоре можеме да заклучимее дека Трамп не бил застрелан во градите, туку во увото и поради тоа објавата ја оценуваме како неточна.