Натпреварот во правење игри “Game Jam +” годинава ќе се одржи онлајн и ќе трае 7 месеци

Фото: МАГДА

Сигурно досега сте чуле а и сте имале шанса да ги посетите Game Jam настаните кај нас што се базираат на тимови кои прават компјутерски игри. Досега Game Jam настаните кај нас беа кратки во времетрање по 48 часа, организирани во вид на брзи хакатони каде тимовите вообичаено не само што вклучуваат компјутерџии-програмери туку и луѓе од повеќе сфери на различни уметности: визуелни уметници, актери за синхронизација на наративи и ликови, музичари за автентична музика и звучни ефекти во игрите, сценаристи и други. 

Сите вакви настани кај нас беа организирани од Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА  во последниве неколку години, но овојпат се работи за настан од поголеми размери наречен Game Jam Plus (Game Jam +) каде настанот  е интернационален и ќе се одвива онлајн, а времетраењето на настанот и ќе биде 7 месеци.

Ова самото по себе им дава време на луѓето што работат на развивање на игри доста добро, темелно и професионално да ги сработат идните игри на дадени теми а со тоа и да бидат конкурентни на пазарот. Воедно Game Jam + им нуди шанса на тимовите за дружење, вмрежување и комуникација со инвеститори и девелепери што е и една од целите на настанот-нашите тимови да пробијат на европско и светско ниво.

Настанот ќе се одвива онлајн и учеството е бесплатно -за настанот можете да се регистрирате на страницата на Eventbrite на следниот линк: https://www.eventbrite.com/e/macedonia-gj-2122-tickets-169166731247?aff=ebdssbonlinesearch&keep_tld=1

Од МАГДА велат дека ако Гејм Џемовите се 24-48 часовни марaтони за развивање на игри, тогаш GJ+ е хипер маратон.

Всушност, како што објаснуваат оттаму, настанот ќе има 4 фази и тоа:

  • 1ª STAGE – гејм џем на локално ниво, во тек на викендот 8-10 Октомври 2021г.
  • 2ª STAGE – акцелераторска фаза за најдобрите игри од првата фаза. Тимовите работат заедно со ментори – професионалци од интернационални компании. Се одвива во тек на 3 месеца – Ноември 2021 г. – Јануари 2022 г.
  • 3ª STAGE – Февруари 2022 г. кога се оддржуваат 5 големи настани за избор на најдобри игри на ниво на континент.
  • 4ª STAGE – Мај 2022 г., големо финале во кое учествуваат 2 игри од секој континент.

„Овој на прв поглед амбициозен проект, е наменет пред сѐ за да им овозможи на студија и тимови од различни земји да се претстават интернационално, да се сретнат со колеги, ментори, инвеститори и продуценти, како и да добијат бизнис и маркетинг поддршка“, посочуваат од МАГДА.

За повеќе информации можете да ја посетите и главната страница на МАГДА на Facebook: https://www.facebook.com/MAGDA.Macedonia