Најава за воведување електронска лична карта, Грковска го слушна словенечкото искуство

Грковска на работен состанок со словенечката министерка Стојменова-Дух, разговарале за можностите за заедничка соработка на полето на дигитализацијата, како и за размена на искуства и поддршка во однос на воспоставување на електронска лична карта во С.Македонија

Фото: Влада на РСМ

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска на работен состанок со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух, разговарале за можностите за заедничка соработка на полето на дигитализацијата, како и за размена на искуства и поддршка во однос на воспоставување на електронска лична карта во С.Македонија.

На состанокот, тимот на министерката Дух го презентирала словенечкото искуство во однос на процесот на воспоставување електронска лична карта, вклучително и во однос на регулативата која мора да биде усогласена, како и можностите што ги нуди електронската лична карта во делот на дигиталните услуги.

Таа на состанокот рекла дека поддршката што Словенија ѝ ја дава на Северна Македонија во делот на дигитализацијата е во согласност и со политиките на Европската Унија, земјите од Западен Балкан да добијат соодветна поддршка со цел побрзо да се реализира дигиталната трансформација, што е неопходно за унапредување на услугите што ги добиваат граѓаните.

Двете соговорнички се согласиле да ја интензивираат соработката во наредниот период, со вклученост и на претставници од Европската комисија, со цел заеднички да ги разгледаат можностите што треба да ги содржи електронската лична карта и нивното поврзување со патната исправа и со возачката дозвола.

Вицепремиерката Грковска ја информирала Дух чекорите што досега се преземени во во однос на формирање на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, за усвојувањето на Концептот за дигитална трансформација во кој се дефинирани наредните чекори како и за усвоениот план и концепт за електронска лична карта во Република Северна Македонија.