На претседателските избори ќе може да се гласа со стар документ од јули 2023, а на парламентарните од август 2023

Избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите, извести ДИК

фото: Теута Бучи / Порталб.мк

Државната изборна комисија известува дека согласно измените на Изборниот законик, во избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на изборите кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија.

Овие податоци за граѓаните се доставуваат до ДИК од страна на МВР.

Согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

Тоа, како што известува ДИК, конкретно значи дека:

1. На претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24.07.2023 година до денот на изборите 24.04.2024 година;

2. На парламентарниte избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите 08.05.2024 година.

Инаку, заклучно со вчера, во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, увид на своите податоци во избирачкиот список направиле 4527 лица. Седум лица поднеле барање за промена на своите податоци, 13 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 5 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

„Преку електронски пат заклучно со 13.03.2024, се провериле вкупно 13056 граѓани. Поднесени се 24 барања за промена на податоци, 5 барања за бришење на податоци и 9 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список. По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, информираме дека досега се пристигнати вкупно 1288 пријави од кои 887 се прифатени, 137 се одбиени и 264 необработени пријави“, информира ДИК.

Јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци од страна на граѓаните ќе може да се направи најдоцна до 18 март 2024 година, 24 часот.

ДИК апелира граѓаните да се проверат во избирачкиот список, односно доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори да го сторат тоа до дадениот рок.