На полноќ старт на 5,7 милиони евра бескаматни кредити за микро, мали и средни фирми

Од полноќ започнува аплицирањето за првата бескаматна линија кредити како поддршка на микро, мали и средни компании во справувањето со последиците од корона вирусот. Директорот на Развојната банка на Република Македонија, Кире Наумов, на прес конференција посочи дека првите 5,7 милиони евра бескаматни кредити како директна помош за микро, мали и средни претпријатија од полноќ ќе им бидат достапни на компаниите.

„Развојната банка денес на својата веб страница го објави јавниот повик за оваа прва кредитна линија, а аплицирањето почнува од 00:00 часот вечерва. Во оваа прва фаза, директно ќе ги кредитираме најпогодените сектори, угостителство, туризам и товарниот транспорт. Целта е да им помогне на најпогодените сектори да ги премостат иницијалните ликвидносни потреби во овој период. Кредитите се со каматна стапка од 0 отсто, рокот на отплата е до 24 месеци и грејс период на плаќање од 6 месеци“, рече Наумов.

Тој објaсни дека износот на кредитот за кој ќе може да се аплицира зависи од бројот на вработените. Компаниите кои имаат до 10 вработени, ќе може да аплицираат за износ до 5.000 евра, оние од 11 до 50 вработени, за износ до 15.000 еврa, а оние од 51 до 250 вработени за износ до 30.000 евра. Најниската сума за што може да се аплицира е 3.000 евра.

„Целиот процес за аплицирање ќе се прави електронски и неопходната документација ќе се доставува на единствена е-мејл адреса објавена во јавниот повик кој е достапен за сите на веб-страната на Развојна банка и во него се уредени критериумите и неопходните документи за аплицирање“, рече Наумов.

Олеснет е значително процесот за аплицирање и од документи се потребни тековна состојба, завршна сметка за фискалната 2019 година, потврда за платени даноци и придонеси од УЈП, потврда дека за фирмата не се води стечајна или ликвидациона постапка од Централен регистар, ЗП образец од Централен регистар и кредитна апликација која ја има на веб-страната на Развојна банка, како и соодветни изјави кои треба да се поднесат во прилог. Сите информации во врска со аплицирањето за кредитна линија може да се најдат и на следните профили.