Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO), заедно со македонското Министерство за животна средина и просторно планирање и Агенцијата на Обединетите нации УНЕП заедно со меѓународни експерти ќе работат на Студија за валоризација и Нацрт-План за управување со Споменикот на природата Охридско Езеро, како и Нацрт-План за управување со идниот Национален парк Шар Планина, соопштија од Министерството.

За овој проект за државата е одобрен грант од страна на  IUCN, а изработката ќе почне во најус можен рок, се вели натаму во соопштението по повод 5 Јуни, кој е Меѓународен ден на животната средина и кој годинава се одбележува во знакот на заштита на биолошката разновидност повикувајќи на акција против забрзаната загуба на видовите и деградацијата на природниот свет.

До крајот на годинава Министерството за животна средина, преку своите конзерваторски активности планира да го зголеми процентот на заштитени подрачја од сегашните околу 9% до 11,5% од целата територијата на државата, како и исполнување на Аичи глобалната цел 11 од Конвенцијата за заштита на биолошката разновидност да се зголеми површината на заштитени подрачја до 15%, да се обезбеди нивно функционално поврзување како еколошка мрежа и да се воспостави ефективно управување со заштитените подрачја во соработка со локалните заедници, информираат од ова министерство.

Биолошката разновидност во Македонија, според расположливите сознанија, покажува огромно богатство – над 23.019 таксони од кои 2.095 видови алги, 2.000 видови габи, 450 вида лишаи, 3.200 васкуларни растенија и 500 видови мовови, 13.379 безрбетни животни и 555 вида рбетни животни, потсетуваат од Министерството за животна средина.

И покрај тоа што нашата држата поседува значаен геодиверзитет и биодиверзитет, особено е важно превзмањето навремени акции за нивна заштита бидејќи во спротивно неконтролираните човекови активности ја нарушуваат природната рамнотежа и се директна причина за многу несакани појави, се вели натаму во соопштението, каде се додава и дека МЖСПП преку Секторот за природа интензивно работи на заштита на природата, преку заштита на биолошката и пределската разновидност и заштита на природното наследство во заштитени подрачја и надвор од нив, како и на заштита на природните реткости.

Резултат на овие активности се изработка на студии за валоризација на природните вредности на Шар Планина, Осоговски Планини, Преспанско Езеро, Водно и НП Пелистер.  Во тек е изработка на Студија за Ченгино Кале на Малешевските Планини и дополнување на студијата за Студенчишко Блато. Владата минатиот месец донесе одлука за прифатливост на предлогот за прогласување на Шара за национален парк, а Осоговските планини да бидат прогласени за заштитен предел.

Изготвена е Националната Црвена листа, со податоци од извршените проценки и конзерваторски статус за сите 46 водоземци и влекачи на национално ниво и за 14-те васкуларни растенија.

Изготвено е, исто така и Досие за номинација на локалитетот Длабока Река во НП Маврово на Прелиминарната листа на УНЕСКО за старите букови шуми. Досието е доставено до Светскиот центар на УНЕСКО во Париз.

Од Министерството потсетуваат дека во соработка со невладиниот сектор изготвена е предлог апликација за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Листата на Рамсарската Конвенција, што беше едно од главните барања на еколошките здруженија за заштита на Охридското езеро и дека е во тек нејзино институционално усогласување. Исто така, без оглед што сеуште немаме статус на земја членка на ЕУ ние интензивно работиме на подготовката на инвентар за идентификација на идни потенцијални Натура 2000 подрачја, велат од МЖСПП.