МВР поднесе кривична пријава за бесправно градење пред ДТЦ Мавровка

СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење“ по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на булевар Гоце Делчев, на платото пред ДТЦ Мавровка.

„Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал во координација со ОЈО – Скопје беа преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а Бесправно градење од КЗ и по целосно документирање на случајот денеска до ОЈО – Скопје е поднесена соодветна кривична пријава,“ информираат од МВР.

Инаку, објектот што „никна“ по пожарот на кафулето „Фонтана“ долго време го следат контроверзии. Најпрво, не можеше да се најде кој е сопственикот, а пропаднаа и неколкуте обиди на Општина Чаир, преку оглас да најде фирма која ќе го руши објектот.

Премиерот Зоран Заев, пред повторно да влезе во премиерскиот кабинет вети дека уривањето на оваа дивоградба ќе биде неговата првата задача.

„Една од првите работи е и да падне објектот пред Мавровка затоа што е дивоградба и ќе направиме сè како Влада“, изјави Заев.