Мрежа „Стела“ ќе прави стратегија за подобрување на состојбата на жените при вработување

Cамо 42,8 отсто од жените во земјата бараат вработување и 37,9 отсто се вработени, иако значителен број на жени имаат универзитетско образование. Невработеноста е раширена меѓу младите жени во руралните делови на земјата, велат во „Стела“

Фото: Мрежа „Стела“

Граѓанската организација „Стела“ работи на зајакнување на потенцијалот и поддршката на девојките и на жените, во што припаѓа и економското омоќување и финансиската сигурност. Затоа, мрежа „Стела“ започнува со проект „Застапување за економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“, информираат оттаму.

„Целта на проектот е да се направат долгорочни стратегии за подобрување на состојбата на жените и девојките при вработување и олеснување на предизвиците со кои се соочуваат на работните места, како и претставување на еднакви можности и насоки за искористување на постоечките политики и подобрување на сегашните. Во рамки на проектот подготвуваме и документ за политки „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизвици и препораки“ што ќе се користи за застапување пред институциите со цел подобрување на мапираните достапни можности и предизвици со кои се соочуваат жените во процесот на финансиско осамостојување“, наведено е во соопштението.

Како што објаснуваат во „Стела“, во македонското општество има висока стапка на невработеност, голема економска неактивност, а жените имаат многу мало учество на пазарот на труд. Индустриите во кои доминираат жените се најчесто со ниски плати и не соодветствуваат на високото образование и вештините што жените ги стекнуваат.

„Причините за оваа ситуација се во сооднос со нестабилните економски и општествени услови во земјата, неусогласеноста со достапните и потребните профили на пазарот на трудот и постоечките традиционални норми. Според податоците на Државниот завод за статистика, само 42,8 отсто од жените во земјата бараат вработување и 37,9 отсто се вработени, иако значителен број на жени имаат универзитетско образование. Невработеноста особено е раширена меѓу младите жени во руралните делови на земјата“, велат во „Стела“.

Во рамки на кампањата која се води на социјалните медиуми #ОслободенаИНезависна, „Стела“ ја подинува свеста за тоа, колку е важно за економијата, за образованието и за развојот на општествата ако фокусот е на зајакнување на жените.

Проектот е поддржан од шведската Фондација „Kvinna till Kvinna“, имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.