Учениците ќе решаваат квизови и ќе играат игри во новите дигитални учебници

Дигиталните учебници претставуваат онлајн верзија на учебникот, со дополнителни видеа, галерии, игри и квизови на речиси секоја страница

Фото: Принтскрин од nastava.mk

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) денеска ги презентираа интерактивните дигитални учебници за IV до VII одделение кои ќе влезат во употреба од следниот семестар. Се работи за дигитална верзија на печатените учебници на пет јазици (македонски, албански, турски, српски и босански), но со дополнителни мултимедијални содржини на речиси секоја страница, вклучувајќи квизови, игри, видеа и галерии, најави МОН на денешната прес-конференција.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека овие учебници не претставуваат замена за печатените учебници, ниту пак само ПДФ верзии на истите, туку дополнителен мултимедијален материјал со цел да им стане поинтересно учењето на учениците.

„Веќе ја тестираме примената на дигиталните интерактивни учебници во повеќе училишта и можам да кажам дека реакциите на учениците и наставниците се исклучително позитивни. Јасни се придобивките и за едните и за другите: за наставниците поедноставна подготовка за часот, за учениците полесно пронаоѓање на потребните содржини во секој момент“, рече Шаќири.

Фото: Министерство за образование и наука

Учебниците ќе можат да се отворат на веб-страницата nastava.mk, каде учениците, како и наставниците и родителите, ќе треба да се регистрираат во едноставен процес за кој се потребни само 4 кликови. Наставниците и родителите ќе имаат пристап до тоа колку често учениците ги отварале учебниците како и до тоа колку точно одговарале на квизовите присутни во учебниците.

Од денеска сите потенцијални корисници на платформата ќе можат да креираат свои кориснички сметки.

„Младите се раѓаат и растат во дигитален свет. Копмјутерите, паметните телефони и паметните саати се насекаде. Сведоци сме и на појавата на вештачката интелигенција. Во иднина поуспешна индивидуа и поуспешан кокмпанија и држава ќе биде онаа која поуспшено користи дигитални уреди, софтвери и алатки. Образованието насекаде во светот се менува. Начинот на учење станува поразновиден и покреативен. Малдиот човек учи и работи многу различно од пред десетина година“, изјави Горан Димитров, директорот на „Тримакс“, компанијата која била задолжена за техничката подготовка на содржините и која изработува училишни помагала и има низа книжарници низ земјата.

Димитров цитираше и што му рекол директорот на едно основно училиште: „Се мислам дали е попаметно да ги забраниме паметните телефони во образвоанието или да го внесеме образованието во паметните телефони“.

Шаќири сепак истакна дека од министерството не се одлучле за дигитализација на учебниците од пониските одделенија поради педагошките препораки за потребниот развој на деца во однос на читање и пишување. Советникот од МОН Шпетим Латифи дополнително потенцираше дека Светската здравствена организација не препорачува прекумерно користење на екрани до седумгодишна возраст бидејќи до тогаш сè уште се развива видот на децата.

На прес-конференцијата говореше и Халед Никовски, наставник во основното училиште „Партенија Зографски“ кој бил вклучен во процесот на креирањето на дигиталните содржини. Тој демонстрираше неколку примери од тоа како истите изгледаат.

На пример, беше демонстрирана игра во која има вага и тегови со различни тежини. Тежината на еден од теговите не е обележана и учениците треба да ја пресметаат. Друга задача за вежбање собирање и одземање со позитивни и негативни броеви вклучуваше придвижување на лик на бројна оска одреден број чекори лево и десно.

Фото: Мета.мк

Учебниците вклучуваат и материјали кои се корисни за наставниците, како наставни листови за соодветните лекции кои ти ќе можат да ги испечат и да ги раздадат на учениците. Дополнително, Никовски вели дека платформата за дигиталните учебници ќе може да се користи и за спроеведување на национални стандардизирани тестирања.

Новите дигитални содржини се изработени од страна на МОН, Бирото за развој на образованието и 500 наставници од основните училишта, кои воглавно ги осмислувалесодржините. Советникот Латифи за Мета.мк кажа дека глатко поминала соработката со наставниците и дека целиот проект бил комплетиран за половина година.

Никовски рече оти очекува во следното полугодие барем 50 отсто од учениците да започнат со користење на новата национална платформа, а до крајот на месецот февруари да бидат опфатени сите училишта и сите ученици.