МНР: Ниту еден македонски граѓанин во Либан не се обратил за помош

Архива „Мета“

Во врска со вчерашната експлозија во Бејрут, која што однесе повеќе од 100 животи и разори делови од градот, Министерството за надворешни работи информира дека до овој момент не се пристигнати информации за евентуално засегнати граѓани на Република Северна Македонија.

Од таму додаваат дека, МНР преку дипломатски канали ги презема сите неопходни мерки и активности за добивање на соодветни информации поврзани со нашите државјани кои би можеле да бидат засегнати од вчерашната несреќа во Либан.

„До моментов, ниту еден граѓанин на Северна Македонија кој би можел да се наоѓа во Либан не се обратил до Министерството за надворешни работи за соодветна помош. За оние кои се наоѓаат таму, а во случај на потреба од информација или помош, веднаш да се јават на дежурниот сервис во МНР: +389 75 273 732 или на останатите Глобал СОС телефони во следниве дипломатски претставништва на Република Северна Македонија: Анкара +90 539 456 97 10, Истанбул +90 545 614 97 77, Доха +974 665 979 44, Каиро +201002898673, Абу Даби +971 564 417 552. Напоменуваме дека овие броеви се достапни и на „Viber“ и „WhatsApp“ апликациите,“ се вели во соопштението.

Претходно и Министерството за одбрана информираше дека припадниците на Армијата во мисијата на Обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, се безбедни и сигурни.

Според последните информации загинати се најмалку 100 лица, а повредени околу 4.000. Либанскиот премиер Хасан Диаб во телевизиско обраќање ги повика сите држави и пријатели на Либан да ѝ помогнат на државата.

Разорната експлозија го уништи пристаништето и голем дел од централното градско подрачје на Бејрут, тамошниот градоначалник Џамал Итани спомена дека првичната проценка на штетата се мери во милијарди долари, а голем број граѓани останаа без своите домови. Официјалните власти тврдат дека Бејрут се соочува со незапаметена катастрофа во неговата понова историја.