Министерот Незири го покани бугарскиот колега Лукарски во посета на Македонија

Министерот за економија, Беким Незири, го запознал неговиот бугарски колега Божидар Лукарски со 13-те слободни зони во Македонија, кои се шанса за инвестирање на бугарските компании.

Средбата се одржала непосредно пред Економскиот форум за Југоисточна Европа, кој се случува во Софија, во рамки на претседавањето на Бугарија со Процесот на соработка на ЈИЕ.

Министерот Незири го поканил неговиот колега Лукарски да оствари прва официјална посета на Македонија, на што тој изразил задоволство, потврдувајќи дека Скопје ќе биде меѓу приоритетите на неговата агенда.

– Ние на Балканот, трудејќи се да соработуваме со што повеќе земји, често се забораваме себеси и соседите. Среќни сме што денеска ни е гостин министерот Незири. Инаку, се договоривме Мешовитиот комитет да се состане до крајот на годината на екпертско ниво, но и од страна на двете министерства да се организира бизнис-форум, во чии рамки ќе бидат тет-а-тет средби меѓу бизнисмените од двете држави. Задоволни сме што македонско-бугарската стопанска комора функционира добро, иако резултати има само во делот на туризмот. Воедно, го информирав мојот колега дека Бугарија првпат во првиот квартал оваа година има пораст од 3 отсто, имаме околу 2 отсто намалување на невработеноста и пораст на извозот за првите три месеци од 12,8 отсто – рече Лукарски.