Мицкоски за инцидентот со Османи: На аеродромот ТАВ се следат јасни меѓународни процедури на кои сум подложен и јас

На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од спикерот Африм Гаши за однесувањето на неговото обезбедување, Мицкоски рече дека никој не е над законот

фото: Влада на Република Северна Македонија

Случајот на 2 август со претседателката на Косово за нас предизвика чувство на жалење и не сакаме да се повтори. На аеродромот ТАВ се следат јасни и прецизни меѓународни стандарди и процедури на кои сум подложен и јас, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција со косовскиот колега Албин Курти, по средбата меѓу двете владини делегации.

„Истовремено, ги отворивме и темите коишто за двете држави на политичко ниво се важни – последното случување коешто се случи на 2 август со претседателката на Косово. Од страна на присутните беше истакнато дека, според информациите коишто ги добивме од официјалните лица, на аеродромот ТАВ се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови, и дека на ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер, македонската претседателка и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако морам да кажам дека јас не го користам туку го користам делот како и сите граѓани“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека косовската претседателка е добредојдена, а со цел да се избегнат вакви инциденти, се понуди и следниот пат лично да ја пречека, а потоа и да ја испрати од аеродром.

За однесувањето на обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, премиерот рече дека е „наш домашен проблем, којшто ние дома ќе си го решаваме“.

На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од Гаши, Мицкоски кажа дека никој не е над законот.

„Има надлежни институции коишто ќе го расветлат случајот во два дела. Првиот дел е до моментот додека не доаѓа лицето за коешто зборувате (н.з. обезбедувањето на Гаши) и вториот дел кога доаѓа лицето. Доколку институциите констатираат пречекорувања или сторувања кривично дело, тогаш бидете сигурни дека истото лице ќе биде изведено пред лицето на правдата. Нема никој во земјава да биде над законот. Додека сум јас премиер, не постојат луѓе над законот“, изјави Христијан Мицкоски.

Косовскиот премиер Курти искажа уверување дека случајот ќе се расветли и рече дека не треба да се предизвикуваат тензии.

„Несомнено претседателката на Косово имаше тешка ситуација на 2 август на скопскиот аеродром, а од друга страна беше со семејството и двете мали ќерки. Органите на Северна Македонија, државниците, изразија жалење за случајот и ќе има официјален извештај кој ќе го расветли ова прашање во целост и во детали. И да разбереме што точно се случило, но и да не се повторат никогаш повеќе вакви ситуации“, изјави Курти.

Инаку, двајцата премиери оценија дека Северна Македонија и Косово имаат добри билатерални односи, а средбата ја опишаа како конструктивна, во пријателска атмосфера.