Мета Факт: Реставрацијата на Старата чаршија во Гевгелија сè уште не е започната

Проектот се наоѓа на седмата страна во програмата и е сместен во делот за топ 10 приоритетни активности, но од 2021 година до денес за проектот е започната само изработката на техничката документација.

Фото: Dalco 26, Public domain, via Wikimedia Commons

Градиначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов, во својата предизборна програма насловена „За Гевгелија гарантираме“, како еден од приоритетните проекти за градот го наведува проектот Реставрација на „Стара чаршија”.

Проектот се наоѓа на седмата страна во програмата и е сместен во делот за топ 10 приоритетни активности. До денес, за проектот е започната само изработка на техничка документација. Поради тоа ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Од кабинетот на градоначалникот за Мета.мк тврдат дека тој проект во моментов е во завршна фаза на проектирање.

„Со преземањето на Локалната самоуправа започнавме со изработка на техничка документација – Основен проект, кој во моментот е во завршна фаза на проектирање,“ велат оттаму.

Но, како што додаваат, бидејќи старата чаршија е градба од заштитена категорија потребни се одобрувања од страна на надлежни институции.

Од Општината уверуваат дека по завршување на сите потребни процедури, како Локална самоуправа
се спремни веднаш да започнат со реализација на проектот.

Во програмата нема подетално објаснување за овој проект.

Последен пат јавно овој проект бил споменат од Христијан Мицкоски при теренска акција во Гевгелија на ВМРО-ДПМНЕ во октомври минатата година.

„Определивме голем број на проекти заедно со градоначалникот, но исто и со луѓето овде во Гевгелија. Дел од нив јас би ги споменал, како што е реконструкција на патниот правец кој што води од Гевгелија преку Ново Конско до неколку населени места и неколку туристички и излетнички места овде во Гевгелија и на Кожуф планина, потоа тука е проширување на патниот правец од Прдејци до Смоквица, реконструкција на чаршијата во Гевгелија, ново основно училиште, проблем кој е есенцијален овде во Гевгелија, и нова канализациона мрежа,“ стои како изјава на Мицкоски во напис на МакПрес.

Со оглед на тоа што за реставрацијата е започната само изработката на техничката документација, а не е испратена до надлежните институции за одобрување, заклучуваме дека ова ветување сè уште не е исполнето.

ИЗВОРИ:

Предизборна програма на градоначалникот Андон Сарамандов „За Гевгелија гарантираме“ (Проверено на 18.06.2024)

Официјални одговори на новинарски прашања Општина Гевгелија (проверено 18.06.2024)

МакПрес.мк (17.10.2023 ): МИЦКОСКИ НАЈАВИ НЕКОЛКУ НОВИ ПРОЕКТИ ЗА ГЕВГЕЛИЈА: РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЧАРШИЈАТА, НОВО ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ…