Меркел: Падот на Берлинскиот ѕид е пример за желба за слобода

Германската канцеларка Ангела Меркел во говорот по повод одбележувањето од 25-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид оцени дека тој настан е пример за желбата на луѓето за слобода и им оддаде почест на оние кои помогнаа во уривањето на ѕидот, кој 28 години беше симбол на Студената војна, пренесе „Дојче веле“.
– Падот на Берлинскиот ѕид ни покажа дека сништата можат да се остварат – рече Меркел во Меморијалот на Берлинскиот ѕид, во улицата Бернауер, и порача дека „ништо не мора да остане онака како што е, без разлика колку се големи пречките“.
Германската канцеларка го истакна значењето на демократските протести во Полска, Чехословачка и во Унгарија пред падот на Ѕидот и ги пофали жителите на Источна Германија кои, инспирирани од тие движења, ѝ  се спротивставија на диктатурата.
Таа, исто така, им искажа почит на луѓето кои страдале под комунистичкиот режим, меѓу нив и 138 луѓе кои загинаа обидувајќи се да го минат Берлинскиот ѕид.
Меркел рече дека 9. ноември е значаен датум во германската историја и затоа што на тој ден во 1938 година нацистите во т.н. Кристална ноќ извршија масовен погром врз Евреите.
– Тоа беше почеток на убиството на милиони – рече Меркел, додавајќи дека на 9. ноември секоја година не чувствува одговорност со која историјата ги оптоварила Германците.