Меркел најави преместување на војниците од Инџирлик доколку Турција не соработува

Берлин може да ги премести своите војници од Турција во друга земја, изјави канцеларката на Германија, Ангела Меркел.

Како што наведе, тоа ќе се случи доколку Анкара не издаде дозвола на членовите од одбранбениот комитет на германскиот парламент да ги посетат вработените кои моментално се на НАТО-мисијата во турската воздухопловна база Инџирлик.

Говорејќи денеска на конференција за новинари, Меркел рече дека е неопходно делегацијата да ги посети повеќе од 250 војници што се наоѓаат во воздухопловната база Инџирлик во Турција како дел од НАТО-мисијата против Исламска држава.

– Ќе ги продолжиме разговорите со Турција, но паралелно мораме да истражуваме други опции. Тоа значи и да бараме алтернатива за Инџирлилк, а една од тие се наоѓа во Јордан – рече Меркел.

Турција претходно повторно го одби барањето на пратениците на Бундестагот да ги посетат германските војници во базата Инџирлик.