Меркел: Клучно за укинување на санкциите кон Русија е примената на договорот за Украина

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази надеж дека овој месец ќе биде остварен значаен напредок во примена на мировниот договор за кризата на истокот во Украина. Таа наведе дека тој договор е клучен за укинување на санкциите на Русија.

– Договорот од Минск кој беше постигнат минатата година, претставува основа на која може да се изградат условите за укинување на санкциите кои Европската Унија ѝ ги воведе на Русија – рече Меркел.

Германската канцеларка повтори дека санкциите не се цел сами по себе и дека добрите економски односи меѓу ЕУ и Русија се во интерес на сите.

Таа додаде дека долгорочно гледано, заедничката економска област која се протега од Владивосток до Лисабон е идеја на која треба да се работи чекор по чекор.

ЕУ на крајот на јули се одлучи за продолжување на санкциите на Русија кои Брисел го воведе поради дејствувањето на Москва на истокот на Украина и анексијата на полуостровот Крим.