Мечка и две мали мечиња убиени и фрлени на ѓубриште во Жировница

Телата на застреланите мечки се тргнати од местото каде што биле фрлени и се пренесени во посебен ладилник на НП „Маврово“

Фото: ДИЖС

Мечка со две мали мечиња се убиени и фрлени на депонија на влезот во селото Жировница. Ги откриле ренџерите на Националниот парк „Маврово“, по што била информирана и полицијата. Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски денеска информираше дека на терен излегле и нивните инспектори за природа кои направиле вонреден надзор и записник.

„Утрово пред влезот на селото Жировница чуварската служба на НП Маврово забележала дека се отстрелани три мечки, женка со две мали мечиња. ДИЖС направи вонреден инспекциски надзор и ќе се води понатамошна инспекциска постапка. На местото биле присутни и претставници од Министерствата за животна средина и внатрешни работи“, информира Стојковски.

Телата на застреланите мечки се тргнати од местото каде што биле фрлени и се пренесени во посебен ладилник на НП „Маврово“.

Неодамна на присуството на мечки во населените места од Мавровскиот регион се пожалија од месната заедница Галичник, од каде велат дека животните ги превртувале контејнерите за да се нахранат. Од таму побарале решение од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Државниот инспекторат за ловство. Мечките во земјава се заштитени уште од 1996 година, а според Законот за ловство се трајно заштитен дивеч кој не смее да се лови.