МАНУ во Охрид организира научна трибина: „ Како понатаму?“

Во Научниот центар – „Куќа на Уранија“ во Охрид, продолжува реализацијата на програмата од годинешната „Научната и уметничка визита“, во организација на МАНУ.

Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, вечерва од 20 часот, заедно со академиците Георги Старделов и Блаже Ристовски, ќе ја отворат дебатата на научната трибина: „Како понатаму?“.

Будно следејќи ги актуелните состојби во земјата и овој август,како впрочем и минатото лето, академиците ќе се обидат да ги дијагностицираат актуелните состојби и да предложат решенија за иднината на Македонија.

Два дена подоцна, во понеделник, на 24 август, во истиот термин, ќе биде отворена изложба на академик Глигор Чемерски под наслов: TEMPI NON PASSATI. Изложбата ќе ја отвори академик Влада Урошевиќ.

Научната и уметничка визита завршува на 28 август со промоцијата на четирите тома SUMMA AESTHETICAE од академик Георги Старделов.

На собирот ќе зборува претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски, а промотори ќе бидат: д-р Ферид Мухиќ и д-р Ивица Џепароски.