Макрон: Центристичката влада ќе остане на власт до крајот на Олимпијадата во Париз

Францускиот претседател вели дека доцнењето е за да се избегне неред, откако левичарската коалиција ја предложи Луси Кастес како нејзин избор за премиерка

Фото: © European Union, 2023.

Емануел Макрон изјави дека ќе ја задржи центристичката преодна влада во земјата до крајот на Олимписките игри во средината на август за да избегне неред, отфрлајќи ги напорите на левичарскиот сојуз да именува нов премиер, пишува Гардијан.

Неговата изјава во телевизиско интервју дојде набргу откако левичарската коалиција, која освои најмногу гласови на парламентарните избори овој месец, ја избра Луси Кастес за како предлог за премиер.

„Сегашната преодна влада ќе се занимава со тековните работи за време на Олимпијадата, која завршува на 11 август“, посочи Макрон.

На прашањето за Кастес, Макрон изјави за „France 2“ изјави:

„Ова не е проблемот. Името не е проблемот. Прашањето е: кое мнозинство може да се појави на народното собрание? До средината на август, не сме во позиција да ги менуваме работите, бидејќи тоа ќе создаде неред“.

Нема цврста временска рамка за тоа кога Макрон мора да именува нов премиер.

Парламентарните избори го оставија националното собрание без доминантен политички блок за првпат во поновата историја на Франција.

Макрон, кој има претседателски мандат до 2027 година, го има крајниот збор за тоа кој ќе биде назначен за премиер. Сепак, на премиерот ќе му треба поддршка од мнозинството пратеници за да избегне гласање на недоверба.

Марин Тонделие, националниот секретар на партијата на Зелените, на социјалната мрежа „Х“ го повика Макрон да го признае резултатот од изборите и да ја назначи Кестес за премиерка.

Себастиен Чену, член на екстремно десничарскиот Национален собир што заврши на третото место на парламентарните избори, го критикуваше изборот на Кастес, нарекувајќи го „шега со лош вкус“.

Франција е на работ на владина парализа откако изборите за националното собрание претходно овој месец резултираа со поделба меѓу три големи политички групи: Новиот народен фронт, центристичките сојузници на Макрон и екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен.