Македонски извозни компании претставени на 20 странски пазари

Македонски извозни компании го претставија своето производствено портфолио и капацитет пред повеќе од 20 земји, со поддршка на Агенцијата за странски инвестиции и промоција.

– Наша оцена е дека со ваквите средби ќе го зголемиме извозот на производи на сушено овошје (чипс од јаболка, чипс од праска и чипс од јагода). Се надеваме дека овие средби ќе продолжат и во иднина и ќе придонесат за наша афирмација и за зголемено присуство на странски пазари – изјави Филип Мировски, управител на компанијата „Нутри груп“ од Скопје.

Во рамките на овој проект се избираат компании од одделни сектори со потенцијал за присуство на странски пазари.

Крајна цел е зголемен извоз и пласман на домашните производи на странски пазари преку промоција на производното портфолио на домашните компании.

Заложбата на економските промотори е да се запознаат со производите и со капацитетите на домашните извозници и да помогнат во изнаоѓање странски купувачи и пристап до пазари во земјите што ги покриваат промоторите.

Во рамките на овој циклус беа претставени „Нутри груп“, „Кенди“, „Алкалоид“, „Ларс трејд“, „Ларс“, „Саитис“, „Коро“ и „Јаболчело“.