Македонскиот државен врв даде согласност за прием на Финска и Шведска во НАТО

Фото: НАТО | nato.int

Како земја-членка на НАТО, Владата на Република Северна Македонија на вчерашната вонредна седница ја донесе одлуката да го овласти постојаниот претставник на нашата земја во НАТО, амбасадорот Дане Талески, да даде согласност за прием на Кралството Шведска и Република Финска за членство во НАТО, информираат од владината прес-служба.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи уште пред три дена изјави дека Северна Македонија силно ја поддржува политиката на отворени врати во НАТО и со тоа дава поддршка за членство на Финска и Шведска во Алијансата.

Поддршка за членството на двете скандинавски земји во НАТО вчера беше објавено и од претседателот Стево Пендаровски. Тој ја поздрави апликацијата на Шведска и Финска за членство во НАТО и упати поддршка за брз прием на земјите, кои несомнено ќе дадат придонес во колективната безбедност, односно особено во зајакнувањето на источното крило на НАТО.