Мајмунски сипаници во Шведска, прв случај на поопасната варијанта надвор од Африка

СЗО вчера ја прогласи болеста за светска здравствена криза

Фото: NIAID, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Во Шведска е регистриран случај на поопасната и позаразната варијанта на мајмунски сипаници. Ова е првиот случај на „Клејд I“ варијантата забележана надвор од Африка, пренесува Гардијан.

Заразениот човек бил на посета во Африка во регион каде имало голем број на заразени лица, соопшти шведската Јавна здравствена агенција.

Овој случај доаѓа само еден ден откако Светската здравствена организација (СЗО) ги прогласи мајмунските сипаници, или мпокс, за глобална здравствена криза, по втор пат во две години. СЗО го презеде овој чекор откако болеста се рашири од Демократската Република Конго во соседните земји.

СЗО на почетокот на годината ја забележа Клејд I варијантата во рударски град во ДР Конго. Организацијата веднаш предупреди дека болеста може да убие околу 10 отсто од заразените лица и дека истата се шири лесно при близок контакт, вклучувајќи преку секс.

СЗО соопшти дека оваа година има повеќе од 14.000 случаи и 524 смртни случаи во повеќе од десетина земји низ Африка, што веќе ги надминува бројките од минатата година. Досега, повеќе од 96 отсто од сите случаи и смртни случаи се во една земја, односно ДР Конго.

„Појавата на случај на европскиот континент може да го поттикне брзото меѓународно ширење на мпокс“, рече Лоренс Гостин, експерт за јавно здравје и професор по право при Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

Според Гостин, случајот во Шведска најверојатно значи дека има уште десетици неоткриени случаи во Европа. Сепак, Д-р Брајан Фергусон од Универзитетот во Кембриџ смета дека случајот во Шведска е загрижувачки, но не и изненадувачки, имајќи ја предвид на сериозноста на епидемијата во Африка.

„Веројатно ќе има повеќе случаи и во другите делови на светот бидејќи во моментов нема соодветни механизми за да се запре појавата на увезени случаи на мајмунските сипаници“, додава Фергусон.

Кина, пак, најави дека во текот на следните шест месеци ќе почне да го проверува присуството на болеста кај луѓе и добра кои влегуваат во државата, особено тие кои доаѓаат од подрачја каде имало епидемија.