Летонија ќе подигне ограда на границата со Русија

Летонија соопшти дека ќе подигне ограда долж својата 270-километарска граница со Русија, за да ја спречи илегалната миграција во оваа балтичка земја.

Портпаролката на министерството за внатрешни работи на Летонија, Дијага Холма, изјави дека ограда со сензори ќе покрива вкупно 90 километри во неколку области од земјата.

Подигнувањето на оградата било дел од проектот, вреден 20 милиони евра, според кој е предвидено во следните четири години да се зајакне и подобро да се означи границите на Летонија со нејзиниот источен сосед.

Околу 300 мигранти, претежно Виетнамци, но и од Ирак и од Сирија, годинава илегално од Русија влегле во Летонија.
Властите на Летонија планирале подигнување ограда долж границите уште пред бегалската криза во Европа, но Холма рече дека проектот станал „приоритетен“ поради стравот дека шверцерите ќе ја искористат земајта како рута за илегална миграција.