Лавров: Соборувањето на „су-24“ е планирана провокација

Москва смета дека уривањето на рускиот авион „су-24“ е планирана провокација, а не инцидент, изјави денеска шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Рускиот министер рече дека Москва ќе ги преиспита односите со Анкара по вчерашното соборување на авионот на турско-сириската граница, но не наведе кои конкретни мерки ќе ги преземе Русија. Тој рече дека Русија „нема намера да почне војна со Турција“ и оти ставот на Москва кон турскиот народ не се сменил.

– Ние само имаме прашања за турското раководство – рече рускиот министер, додавајќи дека советот за руските граѓани да не одат во Турција е издаден врз основа на екстремистичките закани кон таа земја.

Шефот на руската дипломатија рече дека „терористите“ ја користеле турската територија за подготовка на напади на други земји.