Кривична пријава против вработена во СВР Скопје, примала мито од 12.500 евра

Вработената била фатена во моментот на примање на 12.500 евра, кои претходно биле криминалистички обработени. Парите ѝ биле давани за наводно посредување за добивање на социјални станови

Photo by Markus Spiske on Unsplash

Поднесена е кривична пријава против 41-годишната И.М. од селото Буковиќ во скопската општина Сарај, а која била вработена во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама, информираше денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Полицијата постапувала по пријава од три оштетени лица, а вработената во СВР Скопје вчера била фатена во моментот на примање на 12.500 евра, кои претходно биле криминалистички обработени. Парите на пријавената ѝ биле давани за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија.

„Во врска со делото, извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената, при што е пронајдена сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело, документи за кои постои сомнение дека се фалсификувани, договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, стои во соопштението на МВР.

Исто така, при претрес во домот на И.М. во селото Буковиќ, биле пронајдени и одземени огнено оружје и муниција.

На осомничената ѝ се определени мерки на претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за напуштање на Град Скопје.