Костадиновска-Стојчевска: Изложбата „Првите кралеви на Европа“ во САД е голем пробив за македонската археологија во светот

Костадиновска-Стојчевска информираше дека во Чикаго ќе бидат претставени сите предмети селектирани за изложбата, меѓу кои има извонредни одблесоци на предисториската уметност од неколку македонски локалитети

Фото: Министерство за култура

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Битола се обрати на прес-конференцијата по повод претстојното големо отворање на првата изложба на македонски археолошки артефакти и прва и најголема археолошка изложба од Балканот во светот, „Првите кралеви на Европа“ во Чикаго, САД.

На прес-конференцијата, која се одржа во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, за овој голем проект во кој учествуваат три музеи од Северна Македонија и кој е реализиран со поддршка на Амбасадата на САД во земјава, присуствуваа и националниот координатор на изложбата, Гоце Наумов, и сите раководители од институциите вклучени во изложбата.

Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност до сите археолошки тимови и истражувачи на предисторијата на просторот на нашата земја за придонесот во изложбата, која до крајот на годинава ќе биде поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.

Изразувајќи уверување дека изложбата ќе одекне во стручните кругови на археологијата поради својата ексклузивност и поради своето значење, таа додаде дека со оваа изложба македонската и балканската археологија ја оправдуваат довербата што им ја довери Филдовиот музеј од каде што е инициран проектот, а во кој се вклучени 11 земји од Балканот и 23 музеи.

Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска информираше дека во Чикаго ќе бидат претставени сите предмети селектирани за оваа изложба, меѓу кои има извонредни одблесоци на предисториската уметност од неколку македонски локалитети.

„Со оваа изложба, преку експонатите неолитски жртвеник, енеолитски скиптар и железнодобен накит од локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, пред светот ќе проговориме за достигнувањата на луѓето од нашата земја кои живееле и создавале уметност, ги развивале технологијата и стопанството во периодот од 7 до 5 милениум пред новата ера. Ова се единствени и уникатни артефакти кои зборуваат за нашите приказни од предисторијата, кои, се разбира, се проткајуваат и денес“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Фото: Министерство за култура

Според министерката за култура, оваа изложба е можност за афирмација на историјата и на културата на Северна Македонија и на Балканот. Таа рече дека овој најголем археолошки настан во Северна Америка кој зборува за овој регион, за нас покажува колку се важни ваквите проекти кои ги обединуваат културите во регионот и кои носат голема и широка афирмација на секоја земја одделно, и на Балканот како целина.

Координаторот, археологот Гоце Наумов искажа задоволство што за прв пат македонската археологија, овој пат со предмети од предисторијата се претставува на толку голем настан во САД, и изрази верба дека оваа изложба ќе биде инспирација за натамошни вакви проекти и за останатите периоди со кои ќе се афирмира македонското културно наследство. Наумов објасни дека турнејата на „Првите кралеви на Европа“, започна од Њујорк, следи Чикаго, до крајот на годинава, а потоа патува во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава. Наумов кој, според проценките, вели дека изложбата ќе има околу милион посетители, ја повика големата балканска дијаспора во Чикаго да се запознае со овие репрезентативни предмети, подвелкувајќи дека се работи за интересен културолошки контекст за Балканот, што ја носи оваа ексклузивна изложба.