Конзервација на фрескоживописот во храмот „Св. Ѓорѓија“ во Струга

Како дел од програмата на Министерството за култура за заштита на културното наследство, во тек е конзервацијата и ревитализацијата на фрескоживописот на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга, значаен споменик на културата од 19 век.

Конзервацијата се одвива во неколку фази и е од исклучителна важност, особено од иконографски аспект.

Претходно, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците од Охрид, извршија истражувачки работи на фрескоживописот, беа отстранети наталожените нечистотии, а беше извршена и консолидација на испуканиот обоен слој.

Со реализацијата на проектот за конзервацијата на фрескоживописот, во целост ќе биде вратен првобитниот колорит и сјај на фрескоансамблот во црквата „Св. Ѓоргија“.

Храмот посветен на великомаченикот свети Ѓорѓија во Струга, кој импонира со својата големина, е изграден врз темелите на постара црква која датира од периодот на владеењето на цар Самоил.

Во црквата се наоѓа и најстарото познато сликарско дело, исцелителната икона со претстава на свети Ѓорѓија во цел раст, насликан фронтално, со меч и со копје во рацете, која датира од 1267 година.