Ансамблот од Чаир, кој настапил под македонско знаме, го претставува фолклорот на РС Македонија, како мултиетничка држава, додека фолклористите не биле на трошок на Министерството за култура, туку гости на Градот Измир, кој ги избира учесниците на меѓународниот фестивал по пат на конкурс.

Движењето за социјална правда „Ленка“ споделува фотографија од настап на фолклорен анасамбл од фестивал во Турција, со кој спинува дека Министерството за култура „испратило албанска танцувачка група да ја претставува Македонија“. Понатаму во Фејсбук постот ги испраќа играорците, кои, патем, настапуваат под македонското знаме на овој фестивал, „да претставуаат друга држава, бидејќи македонскиот народ ја има само оваа држава како свој единствен дом“.

СПИН: На меѓународен фестивал во Турција, Министерството за култура на Irena Stefoska испратиле албанска танцувачка група да ја презентира Македонија, додека секоја држава ја презентира културата на својата конститутивна нација!

Албанците имаат друга држава за да ги презентира, додека македонскиот народ ја има само оваа држава и нејзините културни особености како свој единствен дом. Северна е претворена во племенска заедница на етникуми, постмодерен експеримент каде конститутивниот македонски етникум како КОХЕЗИВЕН елемент и јадро на државата е целосно разорен!

ИТНА ОСТАВКА ОД МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ИРЕНА СТЕФОСКА‼️

[Извор: Фејсбук, страница на Движењето „Ленка“, датум: 24.12.2021]

КОНТРАСПИН: Настапот на Ансамблот „Звуците на Каршиака“ од скопски Чаир на Балканскиот фестивал на фолклорот и културата, Турција, на 30 септември годинава, не е поддржан од Министерството за култура. Повиканата од „Ленка“, министерката за култура, Ирена Стефоска, негира дека играорците заминале во Турција на државна сметка.

Лажна е веста што се шири на социјалните мрежи дека Министерството за култура го поддржало гостувањето на наведениот ансамбл да ја претставува Северна Македонија на меѓународен фестивал во Турција.

Вистината е дека ансамблот конкурираше за овој настан на Годишниот конкурс, но Комисијата за меѓународна дејност не го поддржа.

Во политиките на Министерството за култура е да поддржува проекти на сите етнички заедници кои живеат во земјава, како и нивна меѓународна афирмација. Сите тие заедно и одделно ја претставуваат културата на нашата земја.

Во конкретниот случај, колку што ни е познато, трошоците на гостувањето кое се реализирало, се на товар на домаќините.

[Извор: Фејсбук, профил на министерката за култура Ирена Стефоска, датум: 24.12.2021]

 

На Балканскиот фестивал на фолклорот и култура на Измир за период од десет години три пати настапувал ансамблот на НУЦК „Никола Јонков Вапаров“. Раководителот на истоимениот ансамбл, Методи Толевски, за „Вистиномер“ потврди дека Градот Измир, како покровител на фестивалот ги покрива сите трошоци за учесниците. Изборот за тоа кој ќе учествува е право на организаторите на фестивалот и не може некој друг, вклучувајќи и министерство на одредена земја учесничка, да одлучува кој ќе замине во Турција.

Градоначалникот на Измир секоја година распишува конкурс, на кој се јавуваат многу ансамбли и уметници од цел Балкан. Имаат строги критериуми и за се бара ансамблот да има свој оркестар. Додека да се направи селекцијата, имаат доста прашања и на крај нивна е одлуката дали некој ќе учествува. Последното учество ни беше во 2019 година, додека во 2018 година беше анасамбл од Битола. Со Градот Измир раководат македонски Турци и во тој регион живеаат многу Турци со македонски корени, кои се негуваат. Ние бевме во време кога градоначалникот беше со потекло од Битола, а следен пат заменикот градоначалник имаше делчевски корени. Делчево е забратимено со Борнова, општина во Измир и често ни доаѓаат делегации, вклучувајќи и стопански, изјави Толевски.

Тој наишол на некои од објавите со кои се осудува тоа што албански фолклор ја претстаува Македонија на меѓународен фестивал.

Тоа се апсурди. Фолклорот нема граници, туку обединува и ги зближува народите. Македонија е мултиетничка и мултикултурна држава, а како што видов, ансамблот „Звуците на Каршиака“ настапил под македонско знаме и не гледам зошто се политизира, вели Толевски.

Ансамблот „Звуците на Каршиака“ не е единствениот ансамбл на албански песни и игри кој ја претставувал Македонија на Балканскиот фестивал на фолклорот и култура во Измир.

Во 2014 година на овој фестивал настапувал ансамблот на средното училиште „Маврово и Ростуше“ од истоимената општина. На интернет страницата на Општината сè уште стојат фотографиите од настапот на фолклористите во албанска носија.

 

Извор: Интернет страница на Општина Маврово и Ростуше

 

Градот Измир овој Балкански фестивал го најавува како еден од двата големи фестивали, базиран на традицијата што ја поставил Кемал Ататурк, а ја продолжиле современите градоначалници. Интересно е дека една општина во Измир (ги има вкупно 31-на) го носи името Каршијака, што го содржи името на ансамблот чиј настап се проблематизира во овој пост.

За Фестивалот се објаснува дека е осумдневен празник на заедништвото, солидарноста, пријателството и мирот со народни игри, концерти, филмови, документарни театарски претстави, модни ревии, панели,
изложби на фотографии, штандови за гастрономија и занаетчиство.

Од друга страна, Движењето за социјална правда – Ленка за себе на интернет странаицта пишува дека претставува група луѓе, кои делуваат во насока на унапредување на основните принципи за кои што се залагаат: социјална правда, солидарност, слобода и рамноправност. Постот со кој се осудува настапот на албанскиот ансамбл, освен што дезинформира, има националистички поттекст, а нема ни „р“ од рамноправноста за која организацијата, наводно, се залага на збор.

Во Преамбулата на Уставот на РСМ, меѓу другото е утврдено дека:

Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, . . . . ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓански слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој Устав.

Уставот на припадниците на заедниците им го гарантира правото „слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница. Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет“. (Извор: Устав на РСМ)

Македонското општество се дефинира како мултиетничко, каде Албанците се составен дел. Албанците родени во Чаир во Скопје се државјани на РС Македонија и според тоа, зошто би ја претставувале Албанија, како што сугерира постот?! Граѓани со албански етникум живеат во Албанија, во Македонија, но и во Косово, со кои македонските Албанци имаат поцврсти врски отколку со Албанија. Албанците кои живеат овде ја имаат Македонија за своја држава и татковина и барањето да претставуваат некој друга држава бидејки ова е држава на македонскиот народ, не може да биде ништо друго освен прикриен израз на национализам.

Токму ансамблот „Звуците на Каршика“ претставувајќи се себе, со една од своите три цели го деманираат Движењето „Ленка“:

Ансамблот „Звуците на Каршиака е формирано со цел „да работи врз афирмацијата на албанскиот и македонскиот фолклор и култура, како во Република Македонија, така и во странство“.

Во текот на својот настап на Балканскиот фестивал на фолклорот и културата  во Измир, како што може да се види од едно од споделените видеа, фолклористите свират и играат македонско оро.

Не само на фестивалот во Измир, туку со години наназад овој ансамбл го претставува фолклорот на Македонија во странство. За илустрација, во 1993 година, „Звуците на Каршиака“ биле македонски претставници на светската културна иницијатива „World folk vision“, на чиј сајт сè уште стои македонското знаме над името на ансамблот. Нема записи дека тогаш некој реагирал дека албански ансамбл го загрозил македонизмот.

Инаку, тврдењата од типот „Албанците имаат друга држава за да ги презентира, додека македонскиот народ ја има само оваа држава и нејзините културни особености како свој единствен дом“ и сличните на ним од поодамна се употребуваат во националистички цели за да се поттикне чувство кај етничките Македонци на некаква измислена потиснатост и нерамноправност во однос на другите етнички групи преку манипулации во кои се вели дека другите етнички заедници, во конкретниов случај Албанците, имаат друга, резервна држава, додека етничките Македонци, ете, немаат такво нешто, па потоа ова толкување се користи за да се бара етничките Македонци да бидат „поеднакви“ од другите етнички заедници, безмалку да добијат некакви посебни права, како, на пример, во конкретниов случај каде безмалку се бара само ансамбли составени од етнички Македонци да ја застапуваат земјава во странство, барање, кое е спротивно и на Уставот на РС Македонија, како и на мултиетничкиот карактер на земјата.

Манипулацијата се креира преку невистинитото тврдење дека другите етнички групи имале „други држави да ги презентираат“ односно „резервни татковини“. Но, вистината е дека ниту Албанците или, пак, Србите од Македонија, на пример, немаат никаква резервна татковина. Нивната единствена земја, единствена татковина е РС Македонија и секаде на друго место тие се странци исто како и етничките Македонци. Етничките Унгарци или Бугари од Србија, на пример, имаат далеку поголеми права (а со тоа и обврски) во нивната родна земја отколку македонските Срби, кои во Србија се едноставно странци, какви што се и Американците и Французите и Кинезите и Македонците, кога би се нашле во Србија. Никој до овие странски државјани нема право на бресплатно лечење во Србија, на пример, ниту, пак, на старосна пензија и редица други погодности и права, кои ги уживаат државјаните на Србија без оглед на нивната националност.

Така што, целата таа прикаска за „резервни татковини“ и „матични држави“ (Македонија била матична држава на Македонците, но не и на Албанците, иако и тие се родени во неа и се државјани единствено на РС Македонија) е, всушност маска за практикување национализам искажана на начин, кој во науката за дезинформации се нарекува „dog whistle” (свирче за кучиња) и се однесува на ултрасоничните свирчиња за кучиња кои тие можат да ги слушнат, но луѓето, од друга страна, нивниот звук воопшто не можат да го распознаат. Занчи, станува збор за манипулација преку користење на кодиран или сугестивен јазик во испраќањето на политички пораки со цел да се придобие поддршка од една група, а, истовремено, да не се предизвика опозиција и критика од другите групи во опшетството заради употребата на прикриени или двосмислени пораки.

Според сето ова, постот на „Ленка“ спинува, дезинформира и поттикнува на национализам, што се гледа и по коментарите на корисниците на социјалните мрежи, кои го споделиле 249 пати. Ансамблот од Чаир, кој настапил под македонско знаме, го претставува фолклорот на РС Македонија, како мултиетчничка држава, додека фолклористите не биле на трошок на Министерството за култура, туку гости на Градот Измир, кој ги избира учесниците на меѓународниот фестивал по пат на конкурс, пишува „Вистиномер“ во својот Контраспин.