Конкурс за краток хорор расказ – трета награда за расказот „Лов“

Вечерва се празнува „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“, празник кој секоја година се одбележува на 31 октомври. „Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите.

Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви.

По тој повод, Новинската агенција Мета.мк  трета година по ред го распиша Конкурсот за краток хорор расказ на кој можеа да учествуваат млади автори. Годинава конкурсот се организираше во соработка со издавачкиот центар „Антолог“.

На годинашниот конкурс пристигнаа вкупно 35 трудови, од кои, согласно правилата, наградени се три раскази.

Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Горан Ризаов – главен уредник во Новинската агенција Мета.мк, Ирина Тумбовска – претставничка на книжевниот центар „Антолог“ и Гоше Николов – новинар во Мета.мк.

Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на приказните, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик. Сите пристигнати трудови жири-комисијата ги оцени како одлични, при што нијанси ги одделуваа победничките од останатите раскази.

Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од „Антолог“ кои ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на овој книжевен центар.

Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази.

Трите наградени раскази ќе бидат објавени на Мета.мк вечерва. Според гласовите на комисијата, третата награда ја добива расказот „Лов“ на авторот под псевдоним „Немо“.

Истиот можете да го прочитате во продолжение.

 

Трето место:

„Лов“

автор: Немо

фото: mila-del-monte на Pixabay

Ветрот силно профучи и ја одвеа капата од главата на ловџијата фрлајќи ја на една соголена грмушка чии разгранети исушени гранки беа налик на копја.

Страшен ветар, би можел да одвее и бебе од мајчините раце – промрмори под густиот црн мустаќ постариот ловџија дури си ја стегаше јаката околу вратот за да се заштити од студот. Ја пружи невнимателно раката, се боцна на една од иглите и во моментот на нервоза удри со гумените чизми газејќи ги гранките и растурајќи еден куп камења со некакви врежани букви што се наоѓаа во гнездото од грмушката. Потоа, ја зеде капата и му ја подаде на помладиот ловџија, па заедно се упатија кон шумата.

Всушност, за нив ова беше непознат простор и за првпат доаѓаа тука по препорака на пријател кој им кажуваше дека во срцето на шумата има многу дивеч. Двајцата пријатели, очајни поради тоа што оваа сезона имаа слаб лов, првиот слободен викенд се упатија кон пределот и во моментов навлегуваат во сенката на шумата оставајќи го сонцето зад себе.

Само што влегоа во шумата, од десната страна имаше грмушка полна со шумски јагоди, а ловџиите, знаејќи ја убавината и вкусот на шумските овошја, не се колебаа да каснат неколку. Се упатија на запад кон местото каде што според кажувањето на пријателот вриело од дивеч, а се наоѓало на половина час пешачење. Секако, за нив- искусни ловџии кои целиот свој живот го поминале талкајќи низ шумските предели, тоа беше мачкина кашлица. Но, како што продираа подлабоко низ просторот пред нив, се чинеше дека темнината ја проголтала шумата, а тишината која владееше таму даваше впечаток дека е изолирана од секаков надворешен звук – како некое дете да ја поседува во кристална топка, ама му здосадила од играње па со месеци стои недопрена на најгорната полица во орманот, далеку од светлина.

фото: Rosie Sun на Unsplash

Минаа долг пат и токму во моментот кога Мустаклијата беше на прагот да го изгуби своето трпение, помладиот пријател со возбудлив глас му довикна:

– Види, траги од кал! Нешто минало од тука, ја скршило гранката и отишло натаму – покажувајќи со раката кон север.

Лицето на Мустаклијата се озари и двајцата пријатели тргнаа да ги следат трагите. Речиси трчаа исполнети со сила и понесени од возбуда дека куршум ќе ја разбие тишината и ќе уловат нешто.

Забрзано одеа околу два километри и одеднаш се стаписаа. Се наоѓаа на истото место?! Истата скршена гранка, истите траги од кал. Се погледнаа еден со друг со чудење и неверување. Обајцата имаа искусно ловџиско око и знаеја дека токму ова е местото од каде што тргнаа.

Како може да се повторно тука кога заминаа во северен правец?

Необичен морничав звук на кикотење одекна во далечината што смртно ги преплаши како што се плаши срна кога ќе го слушне својот демнач. Побледени, промрморија неколку збора и решително тргнаа кон север. Повторно се случи истото, како за дваесетина минути да ја заобиколиле земјината топка и да се вратиле на истото место.

Нешто шушна во грмушките недалеку од нив и двајцата ги вперија погледите натаму, но не можеа да забележат ништо. Всушност, беа многу исплашени што не помислуваа да го следат звукот.

– Имам чувство дека нешто клето нè демне, ајде да фаќаме патот – кажа помладиот ловџија со трепетлив глас.

На Мустаклијата не му се допаѓаше помислата дека треба да се врати дома со празни раце. Тој настојуваше да тргнат во спротивна насока, но помладиот ловџија беше непопустлив и на крајот победи, па решија да се вратат кон грмушката со испокршени копја. Го определија правецот по кој треба да си одат назад и се упатија натаму разговарајќи тивко и движејќи се со голема претпазливост.

Одеа петнаесетина минути и во еден миг Мустаклијата како со клешта му ја стегна раката на својот пријател, кој, кога виде пред себе се сепна.

– Мочуриштево…не беше тука кога доаѓавме наваму?! – речиси безгласно проговори помладиот ловџија.

Пред нив лежеше мочуриште обраснато со треви, со расфрлани трупови од дрва, грмушки, а на испакнатите делови тиња. Се погледнаа еден со друг, а потоа истражувачки го гледаа просторот што мирно лежеше. Погледот им застана на еден кафеав објект.

Дали е тоа…куќа…колиба? Кој лудак би живеел тука? – рече со чудење помладиот.

Целосно дезориентирани во шумата не знаејќи во кој правец е излезот, тргнаа кон малата дрвена колиба да побараат некого или барем да се засолнат. Се доближија, извикаа неколку зборови барајќи го стопанот и кога никој не им се одзва сфатија дека колибата е празна.

Иако наликуваше на многу стара, штиците беа прилично здрави, а тоа го потврди Мустаклијата кога ја стави ногата на тремот и ја протресе оградата, велејќи:

– Ајде да се засолниме и да закрепиме душа, а потоа ќе мислиме како да излеземе од проклетијава.

Влегоа внатре и пред нив се простираше една голема темна соба. На средината имаше маса со два стола, лево од масата еден кревет, а десно ќумбе, а над ќумбето – чајник. Мустаклијата се сети дека со себе имаше чај што го набра кога влегуваа во шумата, недалеку од јаготките. Помладиот отиде надвор да наполни вода, а неговиот пријател се обидуваше да го запали огнот. Додека полнеше вода, го упати погледот кон мочуриштето бидејќи му се пристори дека водата се разбранува, но уморот го беше совладал и не му придаде значење на тоа. Кога се врати, огнот беше запален и го стави чајниокт да врие. Пријателите започнаа тивок разговор за сè што ги снајде, но сеќавањето на настаните им беше бледо и необјасниво. Најпосле, водата зовре и Мустаклијата го послужи чајот.

фото: m wrona на Unsplash

Мочуриштето се разбранува и од водата се појавуваше глава на жена чии долги коси беа испреплетени со реси и тиња која се слеваше надолу по нејзиното нагрдено лице. Очите ѝ беа бели како белка од јајце, а рацете влакнести и позеленети. Тоа беше кикимора чиј гроб го осквернавил Мустаклијата кога ги испокрши гранките на грмушката и ги растури камењата. Нејзиниот дух суштествуваше во мочуриштето. Откако ловџиите ги каснаа јаготките што таа ги маѓепсала, тие постепено потпаѓаа под нејзино влијание и го следеа патот што таа им го наметнуваше. Ги ловела сè дури не ги довлечка во своето дувло. Сега одеше кон куќата по својот плен.

И чајот го постигнуваше својот ефект. Мустаклијата кој седеше со погледот свртен кон прозорецот го забележа нагрденото лице како минува кон предниот дел на колибата, а тој беше парализиран и немоќен да стори нешто. Другиот ловџија којшто беше благо наклонет на креветот гледаше како вратата полека се отвора и во моментот кога посегна да стане, сфати дека неговото тело е непослушно, а устата нема. Не можеше да си помогне, освен непрекинато да гледа како грозоморното суштество со многу злоба и мртви очи му се приближува. Ѝ гледаше на смртта в очи.

Поминаа два дена откако нивниот пријател што ги упати тука организира потрага по нив. Две групи рано наутро поминаа крај грмушката и влегоа во сенката на шумата оставајќи го сонцето зад себе.