Kонференцијата за справување со дезинформациите во земјава на 31 мај ќе ја отвори претседателот Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски ќе ја отвори конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, која што Фондацијата Метаморфозис ја организира во хотелот „Панорамика“ на 31 мај, со почеток од 12 часот. Настанот има за цел градење на мулти-секторски пристап за решавање на овој важен проблем преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор.

Свое обраќање на отворањето на конференцијата ќе имаат Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество-Македонија, како и Вукашин Петровиќ, раководител на програмата на Фонд за пристап до информации, ДТ Институт и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.

Конференцијата за справување со дезинформациите во земјава е предвидена како настан во хибриден формат, со можност за учество директно од салата или преку онлајн пренос во живо на интернет преку ZOOM.

Настанот ќе се состои од две работни сесии, на кои свое учество ќе земат претставници на релевантните институции, стручната јавност, граѓанскиот сектор и меѓународната заедница. На конференцијата ќе бидат претставени и дискутирани резултатите од тековни истражувања за состојбите, како и препораките за наредни чекори на различните општествени чинители за спротивставување на штетните влијанија насочени против развојот на демократијата и интегративните процеси, информираат од Фондацијата Метаморфозис.

Агендата со говорниците на работните сесии може да се погледне ОВДЕ. Сите заинтересирани учесници на конференцијата ќе треба да се регистрираат на следниот линк.