Кочанските екологисти спасот од мини хидроцентралата го гледаат во Јавното обвинителство

Коритото на Мала река, кочанско | Фото: Весна Коловска

Граѓанската иницијатива „Кочани сака чист воздух, вода и почва“ ќе се обрати до Основното јавно обвинителство, од каде ќе бара преиспитување на целата документација за мини хидроцентралата на Мала река кај Кочани. Преку овој потег, граѓанските активисти очекуваат Обвинителството да наложи привремен прекин на работите на мини хидроцентралата со барање да се организира јавна расправа, каде граѓаните би го кажале својот став. Кочанските екологисти реагираат дека граѓаните не се прашани за изградбата на мини хидроцентрала, за што, според нив, нема доказ дека се одржала јавна расправа.

Оваа иницијатива уследи по состанокот што претставници на Иницијативата од Кочани, заедно со жителите на пробиштипското село Турско Рударе го имаа неделава во Министерството за животна средина и просторно планирање. Од состанокот кочанчани си заминаа со малку надеж, додека за пробиштипските, како што велат, има поголеми шанси за институционална разврска.

„Во однос на мини хидроцентралата во Кочани, од Министерството ни препорачаа со посредство на Општината, да седнеме и да се обидеме да разговараме со инвеститорот на мини хидроцентралата. Со други зборови, да се обидеме со добро да ги убедиме да не ја градат централата. Ни рекоа дека тие како Министерство не може да направат ништо, бидејќи инвеститорот има чиста документација. Меѓутоа, спорно е тоа што позитивното мислење Општината Кочани, во 2017 година, го издала без да одржи јавна расправа. Тоа ќе го наведеме и во предметот до Јавното обвинителство, како наш аргумент за преиспитување на целата постапка“, изјави Ана Симонова од Грин.орг.

За активистите е јасно дека Министерството се дистанцира, бидејќи само со еднострано раскинување на концисјата за кочанската мини хидроцентрала, досегашните штети се околу 400.000 евра, што ќе паднат на товар на државата и општината.

Доколку почнат работите, граѓаните најавуваат активен отпор на местото каде треба да се гради објектот на хидроцентралата. Реагираат и на проблемот со употребата на единствениот пат кој води кон локацијата, кој е пат кон омилените излетнички места на кочанчани над браната Гратче.

„Патот е проектиран за возила не потешки од пет тона. Механизацијата и камионите што треба да поминуваат се многу потешки. Тоа значи дека патот ќе биде уништен“, реагира Симонова.

Што се однесува до мини хидроцентралата во Турско Рударе, шансите за реакција од институциите се поголеми. Инсталацијата се гради до систем за водоснабдување, од каде со вода за пиење се снабдуваат жителите на ова село. Од Министерството им било кажано дека законски, приоритет се дава секогаш на вода за пиење пред други капацитети.

Концесиите за мини хидроцентралите во кочанско и пробиштипско ги има една иста компанија – ДИС Енергија од Скопје, која исто така, е инвеститор на централа и во радовишко. Од компанијата одговорија дека ја имаат подготвено целокупната документација и во текот на градбата ќе ги почитуваат сите преземени обврски. Во Турско Рударе веќе почнаа работите со рамнење на теренот, додека во кочанско се исечени дрвјата каде ќе биде поставен градежниот објект, во исчекување на градежаната дозвола, што сè уште ја нема издадено Општина Кочани.