Климатските заговори на Западниот Балкан – наголемо увезувани и упорно повторувани

Во последните години во Европската Унија актуелен е и трендот на ново негирање, кој ги опфаќа дезинформациите за електричните возила, обновливите извори на енергија и другите контрамерки на глобалното затоплување, кои се прикажуваат како опасни или неразумни

该图片由Jody DavisPixabay上发布

Климатските промени се плодна почва за ширење на дезинформации. Негирањето дека воопшто постои глобалното затоплување, теориите на заговор дека климатските промени се оружје во рацете на тајни групи или моќни поединци за контрола или за нанесување штети на населението, или пак, дека нивното влијание не е толку големо, како што тврдат научниците, се дел од наративите кои се сретнуваат. Во последните години во Европската Унија актуелен е и трендот на ново негирање, кој ги опфаќа дезинформациите за електричните возила, обновливите извори на енергија и другите контрамерки на глобалното затоплување, кои се прикажуваат како опасни или неразумни.

Климатскиот скептицизам и извитоперените толкувања на настаните со кои се манипулира за да се оспори научно заснованата реалност на климатските промени, има длабоки корени и на Западен Балкан. Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Косово, а ширењето дезинформации за климатските промени го следи трендот на државите на Европската Унија.

Во сите земји на Западен Балкан постојат мрежи на профили, од кои најголемиот дел се најчесто лажни, кои споделуваат објави со дезинформации за климатските промени. Најголемиот дел од дезинформациите во сите земји, освен во Србија – каде што бројот на домашните дезинформации е идентичен со оние од странство, се ископирани од земјите од регионот, а еден помал дел се и креирани од локалните теоретичари на заговор.

Во повеќето земји во регионот се забележува и трендот на вкрстување на дезинформациите на различни теми, како што се климатските промени и пандемијата на ковид-19. Оригиналните креатори на теориите на заговор за климатските промени се од сите страни на светот, но најчесто од САД, Кина, Русија или западноевропските држави.