Kaзни за 54 ресторани, месарници, и маркети во Дојран, Охрид, Преспа и во Струга

Од казнетите, на 8 оператори со храна им била изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности, информираат во АХВ

Image by Restaurant Nuovo Antica Roma, Wittenbergplatz 5 from Pixabay

Педесет и четири казни за 54 оператори со храна, изрекле инспекторите за храна, во акција која ја спровеле од 16 до 19 јули, во туристичките места во Дојран, Охрид, Струга и во Охрид. Како што информираат оттаму, со вонредните контроли во овие четири туристички центри опфатени биле 112 објекти – хотели, ресторани, времени – кетеринг објекти, месарници и маркети. Од казнетите, на 8 оператори со храна им била изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности.

„Со контролите утврдено беше неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедурии на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат“, информираат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Во услови на високи надворешни температури, акцент со контролите бил ставен на условите на чување и складирање на производите и роковите на употребливост на храната.

„Инспекторите за храна констатирале и работа на објекти – оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од АХВ, поради што изречени беа мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа. Од промет беа отстранети 8700 килограми небезбедна храна која беше уништена“, се наведува во соопштението.

Од АХВ најавуваат уште вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури, на сила останува мерката  за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава.