Казна од еден милион долари за лажните ВИ повици со гласот на Бајден

На демократски гласачи во Њу Хемпшир во јануари им било кажано од компјутерски генериран глас на „Џо Бајден“ дека нема потреба да гласаат за него на изборите за кандидат за претседател на демократската партија

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Американската компанија Линго Телеком се согласи да плати казна од еден милион долари поради нивната кампања на неавтентични телефонски повици во јануари оваа година. Таа користела имитација на гласот на американскиот претседател Џо Бајден генерирана од вештачка интелигенција (ВИ), за да ги убеди демократските гласачи во Њу Хемпшир дека нема потреба да гласат за него на изборите за кандидат за претседател на Демократската партија, туку дека може да почекаат до ноември да гласат за него на претседателските избори, пренесува Ројтерс.

Според Федералната комисија за комуникација на САД (ФЦЦ), Линго Телеком ширеле дезинформации со оваа телефонска кампања. ФЦЦ иницијално сметала дека компанијата треба да плати казна од 2 милиони, но таа била намалена откако Линго Телеком се согласила строго да ги следи правилата на ФЦЦ.

Повиците биле нарачани од политичкиот консултант Стивен Крејмер. Откако беа откриени лажните повици, Крејмер за медиумите соопшти дека тој ја платил фирмата петстотини долари за да ги направи повиците. Тој работел со Дин Филипс, кој беше еден од противкандидатите на Бајден за демократската номинација за претседателски кандидат. Филипс се огради од повиците и ги осуди.

Крејмер тврди дека целта на повиците му било да привлече внимание кон проблемот на користење на ВИ за политички цели и да поттикне да се донесат регулации во врска со истиот. Затоа и наводно се јавил на „само“ 5.000 луѓе, што тој смета дека е мал број на гласачи, чиј став немало сериозно да влијае на изборите.

Тој доби 26 обвиненија како последица на лажните повици и ФЦЦ препорача да биде казнет со 6 милиони долари.

ФЦЦ неодамна предложи закон со кој телевизиските станици и радиостаниците би биле обврзани јасно да огласат ако ВИ било искористено во изработката на политичките реклами кои тие ги емитуваат. Сепак, ФЦЦ нема надлежност врз интернет содржини, вклучувајќи онлајн реклами и стриминг платформи.