(ВИДЕО) Како се користат алатките за вештачка интелигенција за создавање лажни содржини?

Како што овие технологии се развиваат, така стануваат сè поголем ризик за вистината и довербата во дигиталната ера. За регионот на Западен Балкан, каде политичките тензии се и онака високи, опасностите се уште поизразени

фото: исечок од видеото „Како се користат алатките за вештачка интелигенција за создавање лажни содржини?“

Илон Маск зборува на албански јазик, а Доналд Трамп се претставува како „претседател на Руската Федерација“ – вакви и слични манипулативни видеа, веќе може да се создадат за помалку од две минути.

Алатките за вештачка интелигенција денес нудат неограничени можности, па со нив може да се менува ликот на една личност со друга, и да се менува или додава вештачки генериран глас налик на оној на вистински личности.

Во неодамна објавеното видео на Фондацијата Метаморфозис се зборува за растечката закана од лажните содржини генерирани со помош на вештачката интелигенција. Едукативното видео ги истражува последиците од ширењето на „дипфејк“ содржините и мотивите кои стојат зад нив, информирајќи за техниките што се користат за манипулирање.

Како што овие технологии се развиваат, така стануваат сè поголем ризик за вистината и довербата во дигиталната ера. За регионот на Западен Балкан, каде политичките тензии се и онака високи, опасностите се уште поизразени. Лажните содржини создадени со алатки на вештачка интелигенција, се користат за да се продлабочат поделбите, да се манипулира со јавното мислење и да се дестабилизираат кревките општества во интерес на антидемократски и авторитарни центри на моќ.

Едукативното видео презентира низа примери од регионот идентификувани во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“, кој со поддршка на Кралството Холандија го спроведува Фондацијата Метаморфозис во соработка со Фактоје (Албанија), Центарот за меѓународни и безбедносни работи – ISAC фонд (Србија), Центарот за демократска транзиција – ЦДТ (Црна Гора), Сбункер (Косово) и Здружението на граѓани Зашто не / Why Not (Босна и Херцеговина).

hubmk