Јутјуб започна со стриминг услуги

фото: Јутјуб (blog.youtube)

Стриминг услугите доаѓаат и на Јутјуб. Компанијата најави дека ја воведува новата функција наречена „Прајмтајм канали“ (Primetime Channels) која ќе донесе серии, филмови и шоуа од десетици сервиси директно на апликацијата на Јутјуб.

Јутјуб потпишал договори со 35 партнери, меѓу кои се и големи имиња како „Парамаунт плус“, „НБА“ и „Епикс“, но и некои помали сервиси. Сите сервиси ќе функционираат како и секој друг Јутјуб канал, со своја почетна страница и серија видеа. Корисниците ќе имаат можност да остават и коментар под видеата, како и да ги лајкнат, но нема да се гледа бројот на прегледи на епизодите.

Под видеата со серии и филмови ќе се најде опцијата „Гледај сега“ за која корисниците ќе треба да се претплатат.

„Врџ“ пишува дека две милијарди луѓе веќе го користат Јутјуб секој месец, имаат сметка на „Гугл“ која во многу случаи е поврзана со нивните платежни картички, што ќе придонесе кон популаризација на новите стриминг канали. Луѓето секако го поминуваат времето на оваа платформа гледајќи трејлери и делови од серии и филмови, па сега нема да мора да го напуштат Јутјуб за да ги гледаат содржините на друга платформа, туку на Јутјуб ќе можат да најдат сѐ.

Јутјуб одамна се обидуваше да изгради сервис како „Прајмтајм каналите“, но како што пишува „Врџ“, проблем била незаинтересираноста на Холивуд за ваквата идеја, затоа што компаниите преферирале сами да ги дистрибуираат содржините, наместо да им дозволат на други платофрми да им ги прикажуваат на гледачите. Низ годините Јутјуб се обиде да соработува со другите стриминг платформи, да создаде свои оригинални содржини, а ја воведе и услугата „Јутјуб ТВ“.

Во последните две години, стриминг „војните“ станаа сѐ почести и поинтензивни, борејќи се за што повеќе претплатници. Во моментов најпознати се стриминг услугите на „Нетфликс“, „Амазон“, „ХБО“, „Дизни“ и „Хулу“.