ЈСП: Бруцошите имаат право на бесплатен јавен превоз

Студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа.

Фото: ЈСП Скопје

ЈСП Скопје извести дека во пресрет на почетокот на академската 2023/2024 година, право на студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз имаат сите редовни студенти на некој од државните факултети во Скопје на додипломски студии (прв циклус), без ограничување на возраста.

Од ЈСП Скопје велат дека процедурата за обезбедување на билет може да се врши во некој од седумте центри за персонализација на ЈСП Скопје, со лично присуство на студентот.

Ова се потребните документи за добивање електронска персонализирана картичка:
• Потврда за редовен студент (не постара од еден месец);
• Оригинал индекс и лична карта на увид;
• 200 ден (еднократен надомест) за изработка на електронска персонализирана картичка „Скопска“.

На бруцошите билетот им важи до истекот на 2024 година. Студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа.

„Потсетуваме дека единствено „Скопска“ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз од страна на студентите кои ги исполнуваат условите за студентски годишен билет. Не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично“, се вели во соопштението на ЈСП Скопје.

За дополнителни информации, студентите можат да се обратат на 02-3171-881, во Одделение за продажба при ЈСП Скопје, како и на Фејсбук страницата на претпријатието.