Јагленот не е решение за енергетската криза, туку инвестициите во обновливи извори

Фото: Мета.мк

Државата не се справува со енергетската криза на правилен начин, а враќањето на јагленот и маутот за производство на енергија ќе остават големи последици на животната средина и здравјето на луѓето. Од граѓанската организација „Еко свест“ денеска апелираа земјава да почне сериозно да инвестира во обновливи извори на енергија, со што ќе ги испочитува меѓународните обврски кои ги преземала, како и стратешките документи кои самата ги донела.

Трите енергетски капацитети кои работат на фосилни горива, РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино создаваат 95 отсто од емисиите на сулфур диоксид. Ниту еден од нив нема еколошка дозвола, ниту пак променува некои стандарди кои би го заштитиле здравјето на луѓето. Резултат на тоа се илјадници смртни случаи како директна последица од аерозагадувањето, како и огромен број пациенти со респираторни болести, за чие лечење трошоците се многу поголеми од оние што би се потрошиле за инвестиции во филтри за овие капацитети.

Според Давор Пехчевски од „Еко свест“ последните две години единствениот одговор на државата кон енергетската криза е увозот на јаглен, реактивирање на електрана на мазут која долги години не работела, како и најава дека топланите во Скопје може да работат и на дизел.

„Она што можеме за оваа зима да го направиме е да обезбедиме барем топланите во Скопје да работат на гас. Но, има многу работи што сега треба да почнеме да ги планираме за идната зима. Тоа секако не е увезување јаглен и мазут, што се прави нетранспарентно и за кои не знаеме со каков квалитет се. За нив се потрошени огромни сретства, кои можат да се искористат како одговор на државата кон енергетската криза, но во сосема друг правец, преку инвестиции во обновливи извори на енергија“, вели Пехчевски.

Во земјава постојат осум локации со деградирано земјиште каде може да се направат фотоволтаични централи кои би имале капацитет од 500 до 550 мегавати, што е еквивалент на двата блока од РЕК Битола. На една од локациите, Осломеј, веќе е изграден капацитет од 10 мегавати, но треба да се доизградат уште 110 мегавати. Деградирано земјиште има и во РЕК Битола, но и во близина на повеќе рудници во Пробиштип, Лојане, Демир Хисар и други локации.

Од „Еко свест“ посочуваат дека државата и банките мораат да им помогнат и на граѓаните да инвестираат во фотоволтаици преку субвенции и поволни заеми. Треба да се работи и на дефинирање на производителот-потрошувач, како и на цената по која на граѓаните ќе им се плаќа призведената струја.

„Стратегијата за енергетика е донесена, но ништо од неа не е спроведено. Земјава мора да се насочи и кон обврските кон европските Директиви за квалитетет на воздухот и за индустриски емисии бидејќи тоа е вистинската насока за одговор на енергетската криза. Јасно е дека оваа зима штетата е направена, но за идната може да почнеме да планираме на исправен начин“, вели Пехчевски.