Израелскиот воен кабинет наводно одобрил испраќање преговарачи во Катар на разговори за примирје

По завршувањето на преговорите, израелски медиуми објавија дека владата се согласила да испрати делегација во Катар во наредните денови за да ги продолжи преговорите за еднонеделното примирје кое вклучува ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници кои се држат во Израел

Фото: Israel Defense Forces, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Шефот на израелската прекуокеанска разузнавачка служба Мосад и неговиот колега од домашната безбедносна служба Шин Бет, се сретнаа со посредници од САД, Египет и Катар, на тајни разгивори во Париз, соопшти Гардијан. 

Агенцијата Франс прес објави дека советникот за национална безбедност Цачи Ханегби во телевизиско интервју вчера изјавил дека делегацијата е вратена од Париз и најверојатно има простор да се придвижи кон договор.

По завршувањето на преговорите, израелски медиуми објавија дека владата се согласила да испрати делегација во Катар во наредните денови за да ги продолжи преговорите за еднонеделното примирје кое вклучува ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници кои се држат во Израел.

Во интервју во саботата, Ханегби рече дека Израел сака ослободување на сите заложници земени во нападите на 7 октомври, почнувајќи од жените, но додаде дека „таков договор не значи крај на војната“.

Тој, исто така, посочи дека Израел нема да прифати никаков договор меѓу САД и Саудиска Арабија за палестинска држава.

Нетанјаху во изјава вели дека на состанокот на владата во сабота ќе се разговара за следните чекори во преговорите.

Тој, исто така, потврди дека војниците одат во Рафах во јужниот дел на Газа, и покрај широко распространетата загриженост за влијанието врз стотиците илјади цивили кои избегаа таму за да избегнат бомбардирање .

Постојано се зголемува притисокот врз владата на Нетанјаху да склучи договор за ослободување на заложниците, при што илјадници се собраа во Тел Авив во саботата на она што стана познато како „Плоштад на заложниците“ за да побараат побрза акција.