Израел ќе повлече дел од своите војници од Газа

Воглавно ќе се повлечат резервисти - дел ќе се вратат дома, дел ќе бидат преместени да се борат на границата меѓу Израел и Либан

Фото: Adarbd, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Израелската влада најави дека ќе повлече дел од своите војници од Газа, известува Гардијан. Најголем дел од војниците кои ќе бидат повлечени доаѓаат од повеќе од 300.000 резервисти кои беа регрутирани за војната. Целта е да се „реенергизира“ израелската економија. Дополнително, ваквата одлука е дел од менувањето на фокусот на израелската офанзива кон попрецизни операции против Хамас.

Сепак, дел од повлечените војници нема да се вратат дома. Тие ќе бидат преместени на фронтот на границата меѓу Израел и Либан, каде Израел се подготвува за проширување на војната.

„Не смее да се дозволи ситуацијата на либанскиот фронт да продолжи. Претстојниот шестмесечен период е критичен момент“, изјавил функционер од израелската влада за Ројтерс.

Војната продолжува да се интензивира и со другите соседни земји.

Израелските одбранбени сили најавија оти бомбардирале воена инфраструктура во Сирија, откако Израел бил нападнат од неколку сириски ракети.

Истовремено, хеликоптери на Воената морнарица на САД собориле неколку мали бродови оперирани од ислалмистичката јеменска група Хути кои се обидувале да нападнат шпедитерски брод кој пловел во Црвеното Море. Бродот веќе бил двапати нападнат од хутиски сили.

Членови на групата Хути, која го контролира Јемен, изминатите недели нападнаа неколку бродови кои поминуваа низ Црвеното Море кои носеле гориво до Израел. Од тогаш, најголемите шпедитерски фирми ги пренасочуваат своите бродови да кружат околу Африка наместо да одат преку Суецкиот канал и Црвеното Море.

Во Газа, пак, продолжуваат интензивните напади на израелските одбранбени сили. Според министерството за здравство на Газа, во текот на вчерашниот ден биле убиени 207 Палестинци и повредени 338 лица.

Вкупниот број на убиени Палестинци во Газа од почетокот на војна е 22.185, а преку 57.000 се повредени. Се смета оти овие статистики се значително пониски од вистинскиот број на загинати лица во Газа, оти голем број загинати сè уште се наоѓаат под урнатите куќи и згради во Газа.

Дополнително, се смета оти 85 отсто од населението на Газа било раселено од почетокот на војната. Стотици илјади луѓе живеат во кампови за бегалци кои немаат доволно капацитет или се кријат во зони кои се назначени како безбедни од израелската војска, кои потоа повторно се нападнати од израелските сили.