Изложба за Борис Чипан, основоположник на заштитата на македонското градителско наследство

„По трагите на еден модернист“ е насловот на изложбата за познатиот македонски архитект Борис Чипан, по потекло од Охрид. Вечерва во 20 часот, во  Музеј на град Скопје, изложбата ќе ја отвори проф. д-р Минас Бакалчев, декан на Архитектонски факултет при УКИМ.

Изложбата се содржи од материјали од професионалната оставина донирана од семејството Чипан на Музејот на град Скопје. „Збирката на архитект Борис Чипан“ содржи повеќе од 500 предмети, меѓу кои оригинални проекти, цртежи, скици, студии, ракописи, белешки, фотографии, исечоци од весници, дигитални записи, награди, плакети, книги и други предмети.

На Борис Чипан, автор, меѓу другото, и на проектот за објектот на МАНУ во Скопје, му припаѓа едно од најзначајните места во историјата на македонската современа архитектура. Како творец, еднакво суверено се реализираше во областа на архитектонското проектирање, заштитата на градителското наследство, архитектонското образование и архитектонската публицистика.

Борис Чипан (27 март 1918 – 31 март 2012) е роден и израснат во Охрид, градот кон кој чувствуваше огромна љубов, од кој ја црпеше инспирацијата и на кој му се навраќаше целиот свој живот.

По дипломирањето архитектура на Техничкиот факултет во Белград, се враќа во Охрид, а работи и во Битола и во Охрид и се смета за основополжник на заштитата на македонското градителско наследство.
Од 1949 година е првиот директор на нововостановениот Републички завод за заштита на културно-историски споменици.

Чипан е еден од првите ентузијасти кој работеше на конзервацијата на „Света Софија“, катедралниот храм на Охридската архиепископија, како и на „Света Богородица Перивлепта“ и на многу објекти од градската архитектура во Охрид.

Надвор од Охрид, работеше на конзервацијата на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези, Даут-пашиниот амам и Куршумли ан во Скопје, како и на многу други објекти.