Иванов повика сите да се вклучат во кампањата против насилство врз жени и девојчиња

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја поддржа кампањата против насилство врз жени и девојчиња „Обој го светот во портокалово за 16 дена“.

Во пораката, Иванов истакна дека правата на жените и на девојчињата се неотуѓив дел од универзалните човекови права и правото на човечко достоинство.

„Жената е столб на семејството и нераздвоен дел од политичкиот, општествениот, економскиот и од културниот живот во Република Македонија. Должни сме да го почитуваме и унапредуваме правото на жената да се образува, да го живее својот живот и да ги подига своите деца со љубов, сигурност и со достоинство. Достојниот маж, сопруг и татко се бори против сите форми на дискриминација на жената, против неправдата, насилството и угнетеноста“, стои во пораката од претседателот.

Иванов повика сите активно да се вклучат во кампањата која повикува „Стоп на насилството врз жената – сега!“

„Ве повикувам заедно да го мобилизираме јавното мислење, да ги охрабриме онеправданите и заеднички да застанеме против дискриминацијата врз жените. Да застанеме против предрасудите, обичаите и стереотипите“, вели Иванов, додавајќи дека борбата против насилството врз жената треба да трае 365 дена во годината.