Иванов од Пелинце повика на национално помирување

Претседателот Ѓорге Иванов денеска од Меморијалниот комплекс во Пелинце им го честита Илинден и првото заседание на АСНОМ на македонските граѓани и порача дека историјата покажала дека секогаш кога сме поделени, ние сме и поробени, а секогаш кога сме сплотени, сме слободни.

– Но, ние веќе бевме помудри за два Илиндена, и за две изгубени можности. И немаше да дозволиме да ја повториме грешката. Од вториот до третиот Илинден, од АСНОМ 1944-та, до 8 септември 1991-та, како народ ние ја научивме втората лекција. А тоа е дека кога се сомневаме во себе ‒ губиме, а кога веруваме во себе ‒ победуваме. Верувавме и победивме. Гласавме за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава – рече Иванов.

Тој истакна дека светот повторно се наоѓа во период на голема трансформација.

– Ова е време на длабоки кризи и крвави конфликти, на пропаднати држави и разорени општества. Време на милиони бегалци и мигранти кои се во потрага по среќа. Ова е доба на радикални идеологии кои метастазираат и зафаќаат млади, отфрлени и незадоволни поединци од европските гета. На европскиот хоризонт се надзира нова реалност. Европската Унија ги избриша внатрешните без да ги утврди и заштити надворешните граници. Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Со Брексит, наместо да се обединува и проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и намалува – рече претседателот и додаде дека во вакви услови, многу нешта не зависат од нас.

Според Иванов, геополитичките игри, економските кризи, големите миграциски бранови, тековите на геопрофитот, транснационалните ризици и закани од организиран криминал и тероризам, се само дел од глобалните процеси што влијаат и врз нас. Сепак, како што рече некои нешта кои зависат од самите нас.

– Секоја држава е онолку суверена колку што ја контролира својата територија. Сфативме дека ако прво сами себеси не си помогнеме, никој друг нема да ни помогне. Затоа, наместо реактивни, решивме да бидеме проактивни – рече Иванов, посочувајќи ги успешните обиди за справување со безбедносните закани од насилен екстремизам и тероризам.

– Речиси секојдневните терористички напади во Европа и во светот се новата реалност. Како држава, ние мора да се навикнеме да живееме и да функционираме во таква реалност. Во вакви сложени услови, повеќе од кога било порано сите ние мора да бидеме сплотени и единствени – рече Иванов.

Говорејќи за политичката криза тој го поздрави постигнатиот договор и рече дека треба државните интереси да се стават над личните.

– Но, сега доаѓа потешкиот дел. А тоа е да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија. Ги повикувам политичките партии да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните тогаш кога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори. Медиумите да се воздржуваат од ширење паника, страв и штетен сензационализам. Новинарите мора да бидат чувари на вистината и да бидат совест на општеството. Цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од отровен цинизам, од демонизирање на оние со кои не се согласуваат. Ги повикувам нашите европски и евроатлантски партнери да не ги користат последиците од блокадите како причина за нови блокади. Како што блокираната европска и евроатлантска иднина придонесе да се блокираат политичките процеси во Македонија, така деблокадата на интеграциите ќе ја врати стабилноста. Само со заземање на заслуженото место во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, македонските политички елити ќе ја научат културата на дијалог и компромис – рече Иванов, истакнувајќи дека за иднина ни треба единство, а за единство ни е потребно помирување.