ИТ експерт: Во земјава може да се забрани ТикТок, но до него може да се пристапи и на други начини

Без разлика на начинот на забрана, тој појаснува дека граѓаните имаат многу начини за пристап до социјалните платформи кои се забранети

фото: Порталб (Фисник Џелили и Локман Муслиу)

Поттикнати од неодамнешната трагедија во Србија, властите во Северна Македонија излегоа со предлози и изјави за забрана или ограничување на социјалната мрежа TикТок во Северна Македонија. Меѓутоа, конкретни одлуки за ова сè уште нема. За тоа дали TикТок може да се забрани во земјава и на кои начини може да се направи тоа, Порталб.мк разговараше со експертот за информатичка технологија, Локман Муслиу.

Тој објаснува дека владата може да ја забрани оваа социјална платформа во земјата и дека тоа може да се направи на два начина.

фото: Локман Муслиу (лична архива)

„Првиот начин е забраната на ниво на провајдер: Владата може да побара од давателите на интернет услуги (Телеком, А1 итн.) да го блокираат пристапот до социјалната платформа. Ова може да се направи со забрана на пристап до ИП адресите на ТикТок. Вториот начин е забраната на државно ниво. Владата може да го блокира пристапот до ТикТок на државно ниво со блокирање на пристапот до интернет инфраструктурата на целата земја. Ова може да се направи со блокирање на пристапот до ТикТок ИП адреси на државните граници, блокирање на ДНС за овие адреси на национално ниво, или со користење на други технологии за да се спречи пристапот на корисниците низ целата земја“, вели Муслиу.

Без разлика на начинот на забрана, тој појаснува дека граѓаните имаат многу начини за пристап до социјалните платформи кои се забранети.

„Ова опфаќа употреба на ВПН услуги – корисниците можат да користат ВПН услуги за да ја променат својата ИП адреса и да се логираат на социјалната платформа преку друга земја. Употреба на прокси сервери – корисниците можат да користат прокси сервери за промена на ИП адресата и за најавување на социјалната платформа“, рече Муслиу.

Тој додаде дека без оглед на начинот на блокирање на социјалната платформа, постојат многу начини да се заобиколи блокот и да се ѝ се пристапи на апликацијата.

Министерот за образование Јетон Шаќири најави дека на Владата на безбедносните органи ќе им предложи итна процена на состојбите со безбедносните ризици, кои според него во голема мера се поттикнати од некои социјални мрежи како што е ТикТок. Тој вчера најави дека во тек се состаноци за ограничување на употребата на TикТок во основните и средните училишта.

Конечниот став за ваквата мерка, велат од Министерството за информатичко општество и администрација, може да следи само по координирана активност со институциите на правдата и другите образовни и безбедносни институции во државата.

Пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова во саботата побара да се забранат ТикТок и социјалните мрежи кои промовираат насилство, бидејќи, како што рече таа, и во нашата земја сме биле сведоци на жртви од користењето на социјалните мрежи.

Овие реакции и иницијативи од институциите дојдоа по две масовни убиства кои се случија за помалку од 48 часа во Србија. Првото се случи на 3 мај во основно училиште во населбата Врачар во Белград, кога 13-годишен ученик од тоа училиште со пиштол уби девет лица, од кои осум деца и еден возрасен. Во инцидентот се повредени и шест ученици и еден наставник. Второто масовно убиство се случи на 4 мај кај Младеновац. Во нападот загинаа најмалку осум лица, а 14 се повредени. Уапсен е осомничениот напаѓач, 21-годишниот Урош Б.

Пред неколку недели, Северна Македонија се соочи со голем ТикТок скандал кога анестезиолог прикажа снимка на жени во гинеколошка сала во тетовската болница. Истиот е во притвор. Во друг случај млада девојка почина од струен удар откако се качила на вагон за да се слика, но тој се откачил и се приближил до електричната мрежа. Пред неколку месеци алармот беше вклучен и за ТикТок предизвикот во кој младите лежеа на пат и чекаа да им се приближи првото возило, а потоа бегаа.

Порталб.мк пред две недели се осврна и на користењето на социјалните мрежи од страна на младите во земјава. Според експертите, депресијата и анксиозноста кај младите доаѓа од злоупотребата на социјалните мрежи.