Хелсиншки комитет: Корона кризата доведе најмногу до прекршувања на работничките права на жените

Во периодот од 10 март до 30 јуни регистрирани се 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесуваат на 2.723 работници, информираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму додаваат дека повеќе од 60 отсто од пријавите се однесуваат на работничките, со што корона кризата неизбежно доби и родова димензија.

„Најкритични беа првите шест недели по прогласувањето на вонредната состојба, кога беа пријавени 145 од вкупниот број регистрирани случаи. Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување. Само во месец март, регистриравме 17 вакви случаи кои опфатија 375 работници“ соопштија од Хелсиншки.

Тие појаснуваат дека работодавачите влијаеле работниците принудно, но „спогодбено“ да го прекинат својот работен однос, па така во март и првата половина на април регистрирани се 30 пријави за 317 работници. Овој тренд на пријави за отпуштања почнал да се намалува во текот на наредните месеци и од април до крајот на извештајниот период, во Хелсиншкиот комитет регистрирани се 85 отпуштања и 5 работници кои потпишале спогодба за престанок на работниот однос. Една од најранливите категории работници се оние со заснован работен однос на определено време на кои, поради специфичната зависна положба во која се наоѓаат, не им биле продолжувани договорите за вработување.

„Работодавачите најдоа начин да ги заобиколат притисоците од јавноста за масовните отпуштања во март, па во следниот период започнаа да им ги намалуваат или воопшто да не им ги исплаќаат платите на работниците, директно удирајќи по нивната егзистенција. Овој период, најчестите регистрирани пријави се однесуваа токму на овие прекршувања – на дури 810 работници им беа намалени или воопшто не им беа исплатени платите“ додаваат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму нагласуваат дека една од најпогодените од кризата е преработувачката – текстилната и кожарската индустрија, каде што се регистрирани најголем дел од повредите на работничките права.

„Имајќи предвид дека кај нас жените се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, овие повреди на работничките права истовремено претставуваат и повреда на правата на жените, што дополнително го потврдува мултидимензионалниот и интерсекциски карактер на овој проблем“ потенцираат од комитетот.

Исто така, во 23 случаи регистрирани се и непочитувања на владините мерки од страна на работодавачите и тоа во однос на (не)организирање на работниот процес на начин да се обезбеди потребното растојание, постојана дезинфекција на работните места и заштитна опрема за 1.022 работници.