Грчките банки од утре ќе бидат затворени

Грчките банки утре нема да отворат. Грција воведува контрола на банките и лимит за извлекување средства од банкоматите. Информацијата ја објави грчкиот премиер Алексис Ципрас во вечерашното обраќање до народот. Со остра реторика, Ципрас ја посочи одлуката на Еврогрупата да не се продолжи финансиската помош за Грција како главен виновник за затворање на банките и контрола на лимитот за извлекување пари. Според информациите, банките ќе отворат повторно на 6 јули, еден ден по референдумот.

Грчкиот премиер ја критикуваше ЕУ за обид за уцена и за заплашување на грчкиот народ преку овие дела, коментирајќи дека нема да им успее обидот и грчкиот народ ќе ги одбие предлозите за строги мерки за штедење.

Според Ципрас, ставот на европските институции е навреда и срам за европската демократија. Грчкиот премиер испратил ново барање да се разгледа одново и да се измени одлуката на Еврогрупата и да се дозволи неколкудневно продолжување на финансиската помош за државата.

За време на обраќањето до народот, ги увери дека се обезбедени платите и пензиите, коментирајќи дека во идните денови ќе биде потребна смиреност, одлучност и трпение. Посочи дека во овие моменти единственото нешто од кое стравуваат е стравот, коментирајќи дека ќе го надминат и ќе испратат порака за достоинство и за гордост до целата Европа.

– Со својата одлука грчкиот народ ќе покаже дека правото може да победи – истакна Ципрас, додавајќи дека Грција има историска шанса да испрати порака за надеж и за достоинство до сите народи на ЕУ.