Граѓанските асоцијации формираа Национална коалиција за клима

Се формира Нацинална коалиција за клима од граѓански организации кои работат на едукација и информирање за овие теми, со цел зголемување на учеството на граѓаните во носењето на одлуки и мониторирање на спроведувањето на истите.

– Започнуваме една убава приказна наречена граѓанска Коалиција за клима која се надеваме дека ќе расте и ќе ги опфати сите сектори во земјата, бидејќи климатските промени се интерсекторско прашање кое навлегува во сите сфери на општеството. Ваквата коалиција ни е повеќе од потребна сега кога опоравувањето од ковид-19 кризата треба да значи зелен развој и раст на „еколошка“ економија, односно индустрија која нема да загадува и да прави штета. Заштита на здравјето и добросостојбата на граѓаните треба да биде приоритет и токму затоа одбравме, на Светскиот ден за борба со опустинувањето и сушата да информираме за оваа коалиција – рече Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.

Коалицијата за клима започнува со 11 членови- граѓански организации кои заедно работеа на стратешките документи и кои имаат значајно искуство во работење на теми поврзани со климатските промени.

– Визијата на Коалицијата е обезбедување на квалитетен животен стандард на луѓето во благосостојба со животната средина, систем базиран на стандарди и безбеден за климата (нискојаглеродна трансформација) и подигнување на климатската култура што ќе ја издигне Македонија како пример за регионот – образложи Кристина Бужароска од фондацијата ЦНВП, долгогодишен партнер на „Еко-свест“ и еден од основачите на новата коалиција.

Според Елена Николовска од „Еко-свест“, потребно беше да се зголеми знаењето за климатските промени пред се на граѓанскиот сектор засегнат од овие теми и на локално ниво да се создаде заедничка платформа која ќе може да биде рамноправен партнер во носењето одлуки за клима и дефинирање на приоритетни области на национално и локално ниво.

– Од голема важност е граѓаните да учествуваат во одлуките за инвестиции во насока на праведната транзиција која ќе осигура дека никој нема да остане без работно место и дека целиот систем и општество ќе прераснат во еколошки. Локалните членки се оние кои ќе обезбедат учество на локалното население во овие процеси – вели  Николовска и додава дека коалицијата за клима е отворена за сите кои сметаат дека можат да придонесат на патот кон оваа еколошка транформација на нашето општество.