Град Скопје врие: Градоначалниците бараат да ѝ се одземат ингеренции на Арсовска, таа ги блокирала на телефон

Предлогот кој го поддржале сите градоначалници е да се назначи владин претставник кој ќе го управува претпријатието Комунална хигиена, а потоа и целосно да се расформира истото

Фото: Општина Кисела Вода

Во Град Скопје врие – градоначалничката Данела Арсовска менува директори, скопјани реагираат на отпадот кој буквално го затрупа главниот град, а градоначалниците бараат да ѝ се одземат дел од нејзините ингеренции во однос на водењето на јавните претпријатија.

Денеска на иницијатива на Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, остварена е координација со скопските градоначалници каде биле евидентирани проблемите и предизвиците со кои се соочуваат.

„Денешната координативна средба ја иницирав токму заради вакви бројни наталожени проблеми со кои се соочува главниот град и она што како приоритетно сите го издвоивме е нашето незадоволство и загриженост за состојбата со јавното претпријатие ,,Комунална Хигиена”, како и ,,Паркови и зеленило”. Негрижата и неработењето на ова претпријатие има име и презиме и резултираше со преполни контејнери, наталожениот отпад насекаде и создадени депонии низ главниот град на државата“, вели Ѓорѓиевски.

Фото: Град Скопје

Инаку, Арсовска минатата недела разреши тројца директори. Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски заминува по само шест месеци од стапувањето на таа функцијата. Новиот директор Тони Миновски, вработен во претпријатието, е петтиот директор на „Водовод“ во мандатот на Арсовска, по Златко Перински, Марјан Митовски, Драган Илиевски и Панчевски. Минатата недела беа разрешени и директорот на ЈП „Градски паркинг” Михаил Петревски, како и директорот на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски, кој таму е третиот директор што е сменет во мандатот на Арсовска.

Неделава, разрешени беа директорите на ЈП Дрисла – Александар Кузинаков, и на ЈП Паркови и зеленило – Мартин Ангеловски. Во случајот со Кузинаков е наведено дека „за неговото работење до градот Скопје пристигнале бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорување на овластувањата”.

„Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје“, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Ганиу: Арсовска нè блокирала на телефон

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вели дека немаат комуникација со Арсовска, ниту поединечно како колеги.

„Градоначалничката нè блокирала на телефон, но немаме ниту службена комуникација, не знаеме како да функционираме“, рече Ганиу.

Фото: Општина Кисела Вода

„Во услови на летни температури од над 40 степени ова повеќе не е само естетски проблем туку претставува сериозна закана за здравјето и животот на нашите сограѓани. Преплавени сме од поплаки од нашите граѓани, од барања ние да направиме нешто кога веќе градот Скопје не се грижи. И верувајте, нашата борба трае веќе долго. Нема да говорам за константните јавувања, дописи до ЈП ,,Комунална Хигиена” и до нивната шефица, градоначалничката Данела Арсовска“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Ѓорѓиевски.

Тој вели дека во повеќе наврати се самооорганизираат за чистење, бидејќи немаат механизација, ниту човечки ресурси.

Се бара одземање на ингеренциите на ЈП ,,Комунална Хигиена” и ,,Паркови и зеленило”

Градоначалниците на денешната средба едногласно одлучиле да побараме одземање на ингеренциите на ЈП ,,Комунална хигиена” и ,,Паркови и зеленило” како нивна транформација од Град Скопје и нивно предавање на централната власт, односно на Владата.

Предлогот кој го поддржале сите градоначалници е да се назначи владин претставник кој ќе го управува претпријатието, а потоа и целосно да се расформира истото.

„Вработените и механизацијата да бидат распределени на општините, кои сами ќе се грижат за хигиената во своите заедници“, вели Ѓорѓиевски.

„Градот Скопје не е полигон за детска игра каде што некој ќе тера инает и ќе ги казнува скопјани од само нему познати причини. Повеќе не нѐ интересира дали се работи за некадарност, мрзеливост, неспособност или што и да е причината што нашата метропола е доведена во алармантна состојба“, додаде тој.

Градоначалничката Данела Арсовска од друга страна, пак, обвинува дека Советот на Градот под контрола на Мицкоски е виновен за комуналниот хаос, оти намерно не ја гласаат нејзината програма за јавна чистота, со што е оневозможена да ги ангажира дополнителните 100 работници, кои претходно 20 години го чистеле градот.