Ѓорѓиев: Не е аргументирана изјавата дека Комисијата не ги штити интересите на македонскиот народ

Тој оценува дека после ваквата изјава на Мицкоски, работата на новите членови во таа комисија веќе е компромитирана и партизирана

Фото: Wikimedia commons

Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека мешовитата историско-образовна комисија со Бугарија не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ, е неаргументирана и неодговорна, оценува Драги Ѓоргиев, кој седум години го води македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, во интервју за „Призма“.

„Неодговорна, па дури и опасна е изјавата, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици. Конечно, таа е полна со популизам затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат. А со промената на членовите ќе покаже и кои се луѓето што ќе ги одбранат“, вели Ѓорѓиев во интервјуто.

Тој оценува дека после ваквата изјава на Мицкоски, работата на новите членови во таа комисија веќе е компромитирана и партизирана.

„Тие ќе работат под силниот товар на „заштитници на националните интереси“, чие сфаќање е дефинирано од страна на една партија, во име на народот. Таквата слика за нив како „заштитници“ е веќе создадена и нејзиното нарушување ќе значи изневерување на очекувањата. Тоа, секако, ќе се одрази врз почитувањето на научните и академски принципи“, оценува тој.

На ова, Мицковски во изјава кажа дека жали што Ѓорѓиев самиот се компромитирал изминативе години. Тој додаде дека Драги Ѓоргиев „коленичел пред министерски и премиерски кабинети, наместо да си ја гледа работата“.

Комисијата беше формирана во 2017 година по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Работеше со подеми и падови, а често врз интензитетот на средбите влијаеја и политичките искричења на релација Скопје – Софија.