Германската компанија „Ес-ти-ес текстајлс“ ќе отвори погон во Демир Хисар

Германската компанија „Ес-ти-ес текстајлс“ (STS Textiles) ќе инвестира во Демир Хисар. Изградбата на погонот ќе почне следните неколку месеци и за почеток се планирани 150 вработувања. За време на целиот инвестициски процес бројот на вработени се очекува да достигне 1.500.

– По Германија, Македонија е второ место каде што ќе имаме производство. Ги посетивме Холандија, Бугарија и Романија, но се одлучивме за овде. Како семејна компанија, се потпираме на сопствените одлуки. Ги охрабруваме жителите на Демир Хисар да се пријават за вработување – изјави првиот човек на компанијата, Маркус Тучс.

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, истакна дека е значајно што во место каде што невработеноста е релативно висока, се донесе нова инвестиција.

– Компанијата е позната по тоа што е технолошки напредна и имаат иновативни технологии при производство на текстил. Оттука ќе се овозможи трансфер на знаења, вештини кои ќе ги научат локалното население. Од германското списание „Менаџер“ оваа компанија беше прогласена за најиновативна во Германија во нивниот сегмент на работење – изјави Пешевски.

Тој, исто така, додаде дека и покрај тоа што Владата е техничка, таа останува максимално посветена на развојот на економијата, која не треба да биде во втор план поради политичката криза.

– Најважна за граѓаните е егзистенцијата и оттука максимално сме посветени на прашањата поврзани за економијата, како во овој период, така и по 5 јуни – изјави Пешевски.